Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, негира дека имал средба со неговата бугарска колешка, Весислава Петрова Чамова, во Брисел и воедно потсетува дека користењето на терминот „северномакедонски“ за означување на македонскиот народ е неточно и несоодветно.
„Во однос на изјавата на мојата нова бугарска колешка, Весислава Петрова Чамова, би сакал да појаснам дека денес немавме официјална билатерална средба. Имавме кратка размена на зборови на маргините на настан, во присуство на повеќе колеги. Ако едноминутен разговор се нарекува ‘средба’, тогаш денес навистина имавме многу ‘средби’. Воедно, би сакал да потсетам дека користењето на терминот ‘северномакедонски’ за означување на македонскиот народ е неточно и несоодветно. Македонците се Македонци. Ова не е прашање на политика, туку на основно почитување на идентитетот и достоинството на еден народ“, вели Муцунски.
Тој додава дека во дипломатијата, прецизноста не е формалност туку дека е одраз на почит.
„А, како што и кажав на Весислава, се надевам дека наскоро навистина ќе одржиме средба – во пријателска и позитивна атмосфера, насочена кон градење добрососедски односи и нашата заедничка европска иднина“, вели Муцунски.
Бугарските медиуми пренесоа изјава на Петрова Чамова дека имале преубава средба со Муцунски.
„Имавме убава прва средба со министерот за надворешни работи на Македонија (Тимчо Муцунски). Бугарија има јасно изразена позиција, која од 2022 година повеќе не е билатерално прашање, туку прашање за дискусија меѓу Европската Унија и земја-кандидат. Овој прозорец за проширување може да се отвори следната година и ако не се искористи оваа можност, навистина може да се изгуби“, изјави Петрова Чамова, пренесе Бгнес.
„Овој став беше потврден денес. Мило ми е што имаме многу широк политички консензус во Бугарија за тоа. Им го кажав ова и на нашите северно-македонски партнери. Очекуваме активности од нив да покажат дека имаат целосна политичка подготвеност да продолжат напред по својот европски пат“, додаде таа.