Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска се обрати на свеченото отворање на 57-мата Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, кој под мотото „Македонистички гордорек“ се одржува во Охрид.
Во рамки на своето обраќање, Муцунски потсети дека повеќе од половина век, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ преку Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура ја афирмира македонистиката, македонското писмо и ги запознава учесниците со непресушниот извор на вредност која ја поседува македонскиот литературен јазик.
„Сето ова има исклучителна дипломатска димензија и интерес, поради можноста да се чујат најновите истражувања од областа на македонскиот јазик и истите да бидат споделени како пред македонската, така и пред странската јавност,“ истакна Муцунски.
Тој нагласи дека негувањето, изучувањето и промовирањето на македонскиот јазик треба да претставува мисија за секој од нас, затоа што јазикот и културата се најголемото богатство на еден народ и претставуваат стожер на една држава.
Говорејќи за активностите на министерството, министерот Муцунски истакна дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија има плодна долгогодишна соработка со Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ и нагласи дека таа ќе се продлабочува и проширува во следниот период.
Пред присутните, министерот Муцунски подвлече дека македонистите, научните работници и лекторите се македонските амбасадори во светот.
„Вие сте најхрабрите бранители и горд репрезент на нашата земја на светска рамка. Токму затоа, вашето присуство на 57-мата Летна школа е повеќе од значајно во обединувањето, продлабочувањето и славењето на македонистиката во светот,“ заклучи министерот Муцунски во своето обраќање.