Охридското Езеро, едно од најстарите и биолошки најразновидните езера во светот, е под се поголем притисок од загадувањето и човековото влијание. Додека цврстиот отпад како пластика и нетретирани отпадни води се познати закани, под водата се наоѓа потивка, но подеднакво опасна форма на загадување – мрежи духови. Овие напуштени или изгубени рибарски мрежи продолжуваат да ловат водни организми долго по нивната намена, предизвикувајќи сериозна штета на кревкиот екосистем на езерото.
Што се „мрежи духови“?
Мрежите духови се напуштени, изгубени или оставени рибарски мрежи кои продолжуваат да ловат риби, птици и други организми без разлика на нивната намена. Како што објаснува Душица Илиќ-Боева од Хидробиолошкиот институт: „ Овие мрежи, можат, носени од водните струи и натаму да ловат, како целни, така и не целни видови риби, но и се она што ќе наиде при нивното движење, меѓу другото и птици, ракови, цврст отпад и други мрежи, кои се заплеткуваат меѓусебно. Дел од овие мрежи се закачуваат и обвиткуваат околу подводните карпи, а штетата од нив е огромна, бидејќи крајбрежните места со каменест супстрат се воедно и природни рибни плодишта на охридската пастрмка..“
Еколошкиот импакт
Мрежите духови претставуваат значителна закана за кревките екосистеми на Охридското Езеро. Како што истакнува Илиќ-Боева: „Од причина што пастрмките ги одбегнуваат оние места на кои има трулеж од угинатите животни заробени во овие мрежи, пастрмката ги напушта и не ги користи овие локалитети понатаму во периодот на размножување, а со тоа се намалува капацитетот на расположиви локалитети за мрестење.“
Важноста на отстранувањето
Редовните акции за чистење се клучни за спречување на акумулацијата на мрежи духови. „Ако овие мрежи не се отстрануваат редовно, последиците можат да бидат сериозни,“ предупредува Илиќ-Боева. „Тие ќе продолжат да ловат риби и други организми, намалувајќи ги рибните популации и предизвикувајќи долгорочна штета на биодиверзитетот и локалната економија.“
Напори за справување со проблемот
Во последниве години, беа иницирани акции за решавање на проблемот со мрежите духови во Охридското Езеро. На 1 октомври, започнува втората нуркачка акција во соработка со „Амфора,“ за отстранување на мрежите од четири локации во езерото, со презентација на резултатите на 5-ти октомври. Оваа акција е дел од пошироката платформа „Наша Гордост. Наша Одговорност“ поддржана од СКОПСКО, чија цел е да ја подигне свеста за зачувување на природното наследство и одржливоста. „ Општествено ангажираните компании и брендови како СКОПСКО играат клучна улога во долгорочната еколошка одржливост и подигањето на свеста во заедниците. „Наша Гордост. Наша одговорност“ е одличен пример за ангажирање на бизнисите во заштитата на природната средина. Преку поддршка на акциите за чистење на Охридското Езеро, тие не само што помагаат во физичкото подобрување на состојбата на езерото, туку и создаваат култура на одговорност и грижа за природата. Таквите иницијативи исто така помагаат во подигнување на свеста кај јавноста за важноста на заштитата на водните ресурси и биодиверзитетот. Кога компании инвестираат во еколошки проекти и акција, тие испраќаат силна порака до своите вработени и клиентите дека грижата за животната средина е важна. Ова може да доведе до променета на свеста и однесувањето во заедницата, што е клучно за постигнување долгорочни резултати. Во целост, соработката помеѓу бизнисите, релевантните институции и научната заедница е од суштинско значење за успешна заштита на Охридското Езеро. Поддршката на СКОПСКО е важна за создавање на одржливи решенија и за инспирирање на идните генерации за грижа кон сопственото природно наследство.,“ вели Илиќ-Боева.
Отстранувањето на мрежите духови е само еден чекор кон зачувување на уникатниот екосистем на Охридското Езеро. Потребни се континуирани напори за едукација на рибарите и локалната заедница за штетните ефекти на овие мрежи. „Едукацијата и вклучувањето на заедницата се клучни за долгорочната заштита на езерото,“ нагласува Илиќ-Боева.