Осуда на продолжувањето на седницата на Уставниот суд изрази потпретседателот на ДУИ Бујар Османи.
„Апсолутно е недозволено во мултиетничка држава, највисокиот орган на државата да одржува седници со чувствителни теми во моноетнички состав“, порача Османи.
Според него, пораката на тројцата уставни судии од етничките заедници со нивното неприсуство била доволен сигнал за прекин на седницата веднаш.
„Секогаш ваквите моноетнички состанувања или седници биле најава на лоши периоди во мултиетнички држави. Во име на албанскиот народ ја одбиваме секоја одлука која значи продолжување на процесот на укинување на Законот за употреба на јазиците. Единствената праведна одлука која Уставниот суд денеска требаше да ја донесе е да ги отдфрли сите тринаесет иницијативи и да затвори ова прашање“, потенцира Османи.
Како што оценува, закажувањето на подготвителни седници е само продолжување на процесот на укинување на Законот за употреба на јазиците.
„Тоа го знаеме од начинот на кој Уставниот суд постапуваше по нарачката за укинување на правото на етничка идентификација, т.н. укинување на „Балансерот“, кажа Османи во изјава за медиумите пред Уставниот суд.
Потпретседателот на ДУИ порача дека тие и натаму ќе продолжат со т.н. „стража за јазикот“ и повторно ќе се соберат пред Уставниот суд на денот за кога ќе биде закажана најавената подготвителна седница.
„Ова не е само кауза за албанскиот јазик, ова е кауза за заштита на мултиетничка европска Македонија“, рече Османи и додаде дека очекуваат поддршка од сите етнички заедници.
Тој во придружба на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, коалицискиот партнер Зијадин Села и други високи партиски функционери денеска дојдоа пред Уставниот суд во пресрет на седницата за Законот за јазиците.