Претседателка на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова е единствената кандидатка за потпретседателка на Алијансата на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ) која доаѓа од земјите на Западен Балкан.
„Голема чест и одговорност е да се биде кандидатка за потпретседателка на Алијансата на либерали и демократи во Европа, која во моментот е многу важна сила во Европскиот Парламент, а од чии редови доаѓа и новата Специјална еврокомесарка за проширување Кос. Време е да изградиме посилна, пообединета и поиновативна Европа, во која секој глас ќе биде слушнат. Потребно е да создадеме „Алијанса за нас сите“. Алијанса за неа, за него, за младите, возрасните, луѓето со различна религиска припадност, маргинализирани групи.
Алијанса која ќе работи реформите да се случат, ќе обезбеди заокружување на процесот на проширување, ќе работи на задржување на граѓаните на Европското тло преку развој на иновацијата, претприемништво, создавање еднакви можности и критериуми за бизнис, поддршка на малите и средни бизниси, старт-ап и поп-ап бизниси, виза номади.
Кога секој граѓанин ќе може да создава среќен живот под еднакви услови во сите градови на Европа, само тогаш може да кажеме дека сме успешна и силна Унија“, потенцираше Моника Зајкова.
Таа е една од 11 кандидати за потпретседателската функција, за кои ќе се гласа на претстојниот Конгрес на АЛДЕ, што ќе се одржи во Португалија од 4-6 октомври 2024 година, а на кој воедно ќе се избира и претседател. Кандидатите за потпретседатели ќе учествуваат на меѓусебна дебата и сесија за прашања на 5 октомври, по што непосредното гласање ќе биде отворено.
Зајкова има силна поддршка од либералните партии од Југоисточна Европа, кои ја препознаваат нејзината визија за обединета, иновативна и одржлива Европа. Нејзината кандидатура е поддржана од либералните партии членки во Либералната мрежа на Југоисточна Европа (LIBSEEN).
Покрај Моника Зајкова на листата на кандидати за потпретседатели се Јоко Алендер од партијата Реформирање од Естонија, Бернардо Бланко од Либерална иницијатива во Португалија, Сал Брингтон од Либералдемократите на Велика Британија, Лукреција Конти од партијата Либерални демократи на Европа во Италија, Рик Даемс од Отворено ВЛД во Белгија, Јоар Форсел од Либералите на Шведска, Јевгенија Кравчук од партијата Слуга на народот во Украина, Јоуни Оваска од партијата Центар во Финска, Лусија Плавакова од партијата Прогресивна Словачка и Кира Рудик од партијата Голос во Украина.