МНР: Одбележан јубилеј – 30 години присуство на УНХЦР во Македонија

1-28.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и УНХЦР – Агенцијата на ОН за бегалци, заеднички ја одбележаа 30-годишнината од присуството на УНХЦР во Република Северна Македонија, кое во изминатите децении помогна на стотици илјади баратели на азил, бегалци и лица без државјанство.


Овој значаен јубилеј се одбележa со свечено отворање од министерот Тимчо Муцунски, на кој присуствуваше претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова, високи државни и меѓународни претставници, вклучувајќи го заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, регионалниот директор на УНХЦР за Европа, Филип Леклер, претставникот на УНХЦР, Габриел Гуалано Де Годој, резидентниот координатор на ОН, Рита Колумбија, амбасадори, како и партнери од граѓанското општество, академската заедница, приватниот сектор и други регионални и меѓународни организации.

Настанот се организира во чест на тридецениската блиска соработка помеѓу УНХЦР и Владата на нашата земја, што ја одразува заедничката посветеност кон заштита на бегалците, поддршка на лицата без државјанство и промоција на човековите права и инклузивност. Во рамки на церемонијата беше претставен комеморативен поштенски жиг кој го симболизира хуманитарниот придонес на Северна Македонија, кој заедно со напорите на УНХЦР, претставува доказ за лидерството и посветеноста на нашата земја кон меѓународните хуманитарни вредности.

„УНХЦР е горд што активно ги поддржува напорите на Северна Македонија за заштита на бегалците и другите лица кои имаат потреба од меѓународна заштита. Во изминатите три децении, нашата соработка помогна да се заштитат правата и достоинството на многу луѓе и одигра клучна улога во спречување на повторна појава на лица без државјанство во земјата. Подготвени сме за понатамошна соработка за зајакнување на системот за азил, подобрување на политиките за локална интеграција на барателите на азил и бегалците, како и за усвојување на постапка за утврдување на статус на лицата без државјанство. Ова трајно партнерство е доказ за нашата заедничка посветеност на хуманитарните вредности и ја истакнува Северна Македонија како пример за регионот и светот,“ изјави Филип Леклер, регионален директор на УНХЦР за Европа.

„Додека се навраќаме на изминатите 30 години, ги славиме постигнувањтаа овозможени преку нашето цврсто партнерство. Нашата соработка со УНХЦР беше тестирана преку бројни предизвици. Заедно работевме на зачувување на човековите права, хуманоста и достоинството, како и солидарноста, нудејќи заштита, помош и надеж за илјадници бегалци, баратели на азил и раселени лица.

Активно сме ангажирани во напорите за поддршка на бегалците и раселените лица преку зајакнување на системот за азил, развој и поддршка на програми за интеграција, обезбедување пристап до основни услуги како образование и здравствена заштита, и создавање услови бегалците да ги обноват своите животи со достоинство.

Демонстриравме отпорност и прилагодливост во усогласувањето на националните политики со принципите на хуманитарното право. Од земја која во минатото имаше потреба од значителна поддршка од меѓународната заедница, денес станавме пример за земја која дава поддршка“, истакна министерот Муцунски во обраќањето.

На церемонијата беа презентирани говори и сведоштва од лица кои имаат бенефит од поддршката на УНХЦР низ годините, истакнувајќи го не само влијанието на присуството на агенцијата, туку и проактивната улога на Северна Македонија во зачувување на глобалните принципи на инклузија и заштита. Овие сведоштва ја нагласуваат длабоката и позитивна улога на нашите заеднички напори во поттикнување на попријатна и поддржувачка средина за оние на кои им е потребна помош.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK