Младински организации од државата се обучуваат за европска младинска соработка и пристап до европските младински фондови

mladi
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Претставници на повеќе младински организации од земјава на дводневен семинар во Струмица се обучуваат за европска младинска соработка и пристап до европските младински фондови со пренесување на искуства од Европската младинска фондација при Советот на Европа.

За можностите за грантови што ги нуди Европската младинска фондација (EYF), нејзините методи на работа, како и одредени моменти од младинската политика и управувањето со проекти говореше директорката на Фондацијата, Гордана Берјан.


-Ние работиме со млади луѓе кои можат да учествуваат во демократските процеси и за да го направат тоа ние нудиме различни активности, а една од нив е да аплицираат во Европската младинска фондација, која ги поддржува иницијативите на младите луѓе за да развиваат интернационална соработка, локални проекти во демократијата, кои се од голема полза за нив и, исто така, да градат подемократско општество. Токму тоа е нашата цел-да информираме повеќе млади да учествуваат во таквата европска младинска соработка, истакна Берјан.

Советникот на претседателот на Владата за млади и младински политики, Ѓорги Тасев, подвлече дека со овој настан се отвораат нови канали и можности за формите на младинско организирање во државата и да се испрати порака дека младинските организации можат да добијат нова финансиска поддршка.

-Поддршката што можат да ја добијат младинските организаци може да биде финансиска, логистичка или организациска и се однесува на младите, младинско учество, ранливи категории млади, млади на кои им е потребна поддршка со цел да ги реализираат своите идеи, да организираат акции со цел да се направи некоја промена во општеството. Токму тоа е целта на овој механизам кој го има Советот на Европа да ги поврзе со други младински организации од Европа за да формираат партнерство и да настапат заедно со проектна апликација која ќе им овозможи финансиски средства за да направат некоја промена, рече Тасев.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски смета дека е потребна поголема вклученост на младите во сите процеси.

-За поголема вклученост на младите потребно е заедно да работиме и да ги објаснуваме сите процеси. Со Националната стратегија за младите, која е во завршна фаза, се надевам дека ќе ги поттикнеме младите што повеќе да се вклучуваат, бидејќи ова е од нив за нив и заедно со младите ја подготвувавме стратегијата, а тие се главни носители на барањата кои произлегуваат само од нив. Со поголема вклученост на младите тоа ќе донесе и подобри резултати, истакна Мојсовски.

Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Марко Ѓоргиевски, потенцираше дека програмата „Еразмус+“ е една од највидливите и најдобри европски програми за младите и е многу искористена.

-Од 2008 година сме во оваа програма и образовните инситутуции знаат како да ги искористат овие средства. Секоја година се зголемува бројот на апликации и тоа значи дека имаме повеќе апликации и повеќе конкуренција. Имаме дополнителна листа и тоа значи дека имаме можност за алокација на средства. Се бориме да имаме зголемување на средствата, бидејќи корисниците се нашите млади луѓе, особено невладините организации, рече Ѓоргиевски.

Во рамки на дводневниот настан улесниците и предавачите ја посетија „Европската куќа“ во Струмица, Младинската организација „НОВУС“ и Општина Струмица, каде го посетија Младинскиот центар, кој наскоро треба да биде предаден во употреба.

Дводневниот настан го организираат Европската младинска фондација во соработка со Агенција за млади и спорт, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (Еразмус+), Europe House Strumica и Oпштина Струмица.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK