Денеска во касарната „Илинден“ во Скопје, беше извршено примопредавање на донација од дронови, средства за врски, ноќни визири и интендантска опрема од Република Турција за потребите на специјалните единици на Армијата.
На примопредавањето на донацијата се обратија министерот за одбрана, Владо Мисајловски, амбасадорот на Република Турција, акредитиран во нашата земја, Фатих Усулој и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Мисајловски во своето обраќање го честиташе националниот празник – Денот на победата и Денот на Вооружените сили на Република Турција и истакна дека денешната донација е прикажување на сојузништво и пријателство на дело и е резултат на меѓусебна посветеност видлива повеќе од три децении.
„Донацијата од Република Турција уште еднаш го докажува вистинското и трајно пријателство меѓу нашите народи. Во име на македонскиот народ и Армијата му благодарам на турскиот народ и држава за оваа донација која ќе овозможи јакнење на капацитетите на нашата Армија, а со тоа и јакнење на мирот, безбедноста и стабилноста на Алијансата“, истакна Мисајловски.
Посочи дека Турција е наш докажан пријател и партнер и дека нивната поддршката значително придонесе за модернизација и опремување на македонската Армија со нова најсовремена опрема согласно НАТО стандардите.
„ Мојата порака до нашите турски пријатели и сојузници е дека како министер за одбрана ќе продолжам да се залагам за уште поблиска соработка која има заедничка цел – а тоа е побезбеден регион и посилна Алијанса “, порача Мисајловски.
Обраќајќи се пред присутните, амбасадорот Усулој посочи дека односите помеѓу двете држави својата сила ја црпат од длабоко вкоренетите историски, културни и меѓучовечки врски и дека воената опрема која се донира не претставува само еден грант туку е симболичен знак на поддршка во насока на зајакнување на одбранбените капацитети на нашата држава.
„ Со над 50-тина потпишани договори ги изградивме нашите воени односи врз цврст темел. Бевме ваш сојузник, кој моќно го поддржуваше вашето членство во НАТО “ потенцира амбасадорот Усулој.
Началникот на Генералштабот генералот Лафчиски истакнувајќи ја важноста на донацијата изрази благодарност до Република Турција за поддршката при градењето на армиските капацитети.
„Континуираната помош која ја добиваме од Република Турција во градењето на нашите одбранбени капацитети е од исклучително значење за нас. Денеска со оваа донација за нашиот баталјон за специјални сили која вклучува дронови, средства за врски, ноќни визири и интендантска опрема, го потврдуваме успехот на нашата билатерална соработка “ рече Лафчиски.