Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денес се обрати на дводневната работилница „Зајакнување на капацитетите за подобро управување на Проценката на влијанието на регулативата (ПВР) во Република Северна Македонија“, организирана од страна на Министерството за јавна администрација со поддршка на СИГМА
На работилницата учествуваат државни службеници од сите ресорни министерства и релевантни институции, вклучително и координатори и заменици за ПВР, со цел да ги унапредат практичните и аналитичките вештини за управување со ПВР, како и да обезбедат повисок квалитет во подготовката на прописите.
Министерот Минчев во своето обраќање ја истакна важноста од континуираното јакнење на капацитетите на администрацијата и партнерството со меѓународните организации.
„Проценката на влијанието на регулативата претставува интегрален дел од подготовката на законите. Таа обезбедува почитување на начелата на добро владеење и ја поддржува определбата на Владата за квалитетни, образложени и на докази засновани политики. Во наредниот период ќе продолжиме интензивно да работиме на целосно почитување на постапката за ПВР, на јакнење на капацитетите на службениците, како и на подобрување на соработката меѓу министерствата, Владата и Собранието.“
Тој ја нагласи и значајната улога на СИГМА и Британската амбасада во унапредувањето на процесот.
„Нашата заедничка работа со СИГМА и Британската амбасада ни овозможува да ги примениме најдобрите европски практики и да изградиме стабилен систем за донесување политики засновани на докази.“
Најавувајќи конкретни мерки, министерот информираше дека од почетокот на следната година мислењата на Министерството за јавна администрација по Извештаите за ПВР ќе бидат јавно достапни на ЕНЕР, со што ќе се зголеми транспарентноста и довербата во законодавниот процес.
Работилницата, преку интерактивни сесии и практични вежби, има за цел да обезбеди сеопфатен преглед на актуелната методологија за ПВР, да идентификува клучни предизвици, како и да отвори дијалог за можни подобрувања, вклучително и проширување на опфатот на ПВР и унапредување на механизмите за контрола на квалитетот.
Министерството за јавна администрација останува посветено на унапредување на ПВР како едно од темелните средства за подобрување на квалитетот на законите, јакнење на институционалната одговорност и унапредување на доброто владеење.