Новата опрема ќе придонесе за поголема ефикасност на Царинската управа и за уште поинтензивна борба против организираниот криминал и корупцијата. Царинските службеници се на првата линија во заштитата на законот и владеењето на правото и затоа ја имаат нашата целосна поддршка, истакнува премиерот Христијан Мицкоски по повод завршувањето на проектите реализирани во рамки на Акцискиот документ „ЕУ против организираниот криминал, со поддршка за трговијата“ на Граничниот премин Табановце.
„Би сакал да им честитам на колегите од царината, со оваа опрема практично ја зголемат ефикасноста и борбата да ја интензивираат против организираниот криминал и корупцијата.
Мораме да покажеме дека да се биде криминалец и да се занимаваме со криминал е неисплатлива професија.
Вие сте практично на првата линија на одбраната на законот и на владеењето на правото и затоа ќе треба во таа насока да продолжите и во периодот којшто следи да се движите. За жал имаме и такви случаи кога има поединци коишто се одлучуваат да бидат сојузници на криминалот и криминалците, се надевам дека тоа се само мали, несреќни епизоди и исклучоци.
Оваа Влада има сериозна намера да застане на патот на тие коишто одлучиле да бидат сојузници на криминалот и порано или подоцна сакам јасно да кажам на македонската јавност и на граѓаните дека тие ќе бидат фатени изведени пред лицето на правдата“.
Упати благодарност до евроамбасадорот Рокас, за неговата поддршка и за сето тоа што го прави за земјата, на директорот на царина и сите царински службеници, луѓе кои, како што рече, чесно си работат и се грижат за иднината на земјата, и на министерката за финансии којашто дава, како што истакна, несебична поддршка за работењето на царината.
Очекувам од царината на овие добри резултати уште подобри резултати за да сите заедно дојдеме до одлични резултати иако до сега можам да кажам сме исклучително задоволни од сработеното на македонската царина.