Денес, стојам пред вас не само како премиер, туку и како редовен професор на Машинскиот факултет при нашиот најреномиран Универзитет кој го носи името на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј. Универзитет кој отсекогаш бил центар на знаењето, развојот и иновациите во нашата држава. Како што рекол големиот филозоф Аристотел: „Корените на образованието се горчливи, но плодовите се слатки“.
Ова е токму она што го гледаме денес – студентите се борат низ предизвиците на студирањето, но на крајот нивната упорност е она што ги води кон високи резултати кои ги надминуваат нивните почетни очекувања, истакна премиерот Христијан Мицкоски на првиот академски час пред студентите од УКИМ.
Додаде дека владата е посветена на повеќе конкретни проекти кои ќе го унапредат квалитетот на високото образование.
„Прво, планираме значително да го модернизираме инфраструктурниот капацитет на нашите универзитети. Веќе започнуваме со институционални ангажмани за натамошна реконструкција на лабораториите на некои факултети во дел од нашите Универзитети низ земјата, каде ќе се постават најсовремени опрема и технологии кои ќе им овозможат на студентите да стекнат практични вештини во склад со потребите на современата индустрија.
Второ, започнуваме со обликување на проект за дигитализација на универзитетската администрација со цел да ги олесниме процесите на пријавување, запишување и оценување. Ова ќе ја намали бирократијата и ќе им даде повеќе време на професорите и студентите да се фокусираат на она што е најважно – образованието.
Трето, ја промовираме програмата за интернационална соработка и размена на студенти. Студентите и професорите ќе имаат повеќе можности за студирање и истражување во странски универзитети, со цел да се разменат искуства и да се применат најдобрите практики од светот во нашето образование. Ова ќе ни помогне да го подигнеме нивото на компетентност и иновација во нашите институции.
Исто така, важно е да ги поддржиме нашите професори и да ги мотивираме да продолжат со својот научен развој. За таа цел, обезбедуваме зголемени средства за научно истражување и се залагаме за создавање на фондови за поддршка на научните проекти кои ќе го поттикнат развојот на нови технологии и иновации“, нагласи Мицкоски.
Целта како што рече е јасна, да се создаде образовен систем кој е во чекор со времето, кој ги задоволува потребите на општеството и пазарот на трудот, и кој на студентите ќе им даде можност да бидат глобално конкурентни.
„Претседателот на Студентската организација напомена дека би биле пресреќни својата иднина да ја гледаат тука во Македонија, а наша цел и како професори и политичари е да ве инспирираме. Ќе продолжиме да го работиме она што го работиме и кое што најдобро го знаеме. Но, сакам да ви испратам една порака дека во животот ништо не паѓа од небото и дека ништо не е така едноставно како што изгледа на социјалните медиуми. Треба да се борите секој ден“, порача Мицкоски.