Премиерот Христијан Мицкоски ја опиша Северна Македонија како земја која се наоѓа на „првата линија“ на една „невидлива битка“ меѓу западните сили — САД и Европа — и Кина во интервју за Брајтбарт.
Тој ја нагласи геостратешката важност на Коридорите 8 и 10.
Коридорот 8 ги поврзува Јадранското и Јонското Море со Црното Море, додека Коридорот 10 го поврзува Егејското Море со Централна Европа.
Мицкоски истакна дека Коридорот 8 ќе биде особено важен по завршувањето на војната во Украина, кога ќе започне нејзината реконструкција.
„Коридорот 8 ќе биде многу важен за синџирите на снабдување, бидејќи ќе ги скрати маршрутите и ќе ги намали трошоците за транспорт.“
Во однос на Коридорот 10, Мицкоски се осврна на кинеските инвестиции во грчките пристаништа, особено Пиреја и Солун.
Тој рече дека Кина сака преку Пиреја да создаде пократок логистички пат кон Централна Европа.
Според него, таквата рута би го скратила времето за транспорт меѓу Азија и Европа за 18 до 22 дена.
Предупредување за кинеското економско влијание
Мицкоски предупреди дека Кина би можела да го искористи пристаништето Пиреја за масовен извоз на производи и суровини кон Централна Европа.
Како пример ја наведе кинеската автомобилска компанија BYD и нејзината инвестиција во Унгарија.
„Замислете што ќе се случи во иднина ако ѝ дозволиме на Кина да го поврзе Пиреја со Централна Европа. Буквално ќе ја преплават европската конкуренција и ќе доминираат на европскиот пазар“, рече Мицкоски.
Според него, единственото парче што недостига во тој инфраструктурен „мозаик“ е железничката врска што минува низ Северна Македонија и ги поврзува Србија и Грција.
„Затоа велам дека се наоѓаме на првата линија на една невидлива економска битка.“
Сепак, Мицкоски нагласи дека Северна Македонија не бара конфронтација со Кина и го почитува принципот „Една Кина“.
Но, како што рече, главниот стратешки партнер на земјата остануваат САД.
„Наш стратешки партнер се Соединетите Американски Држави, заедно со нашите сојузници во НАТО и партнерите во ЕУ. Но наш најголем приоритет се односите со нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави, и актуелната администрација на претседателот Трамп.“