Првиот човек на Владата, Христијан Мицкоски соопшти дека се потрошени стотици илјади евра народни пари за историската комисија со Бугарија. Според премиерот, тие средства биле потрошени на ништо, а резултатот е капитулација, прифаќајки го она што веќе го прифатиле експремиерот Димитар Ковачевски и ексминистерот Бујар Османи.
Во врска со апелот на поранешните членови на комисијата за вклучување на експерти од УНЕСКО, Советот на Европа или ОБСЕ, Мицкоски рече дека нема ништо против, но ќе се вклучат и инспекциските органи и истражителите за да видат каде се трошеле парите.
„Нека се вклучи ОБСЕ, но ќе се вклучат и инспекциските и истражните органи да видиме каде се трошеа парите, колкави се хонорарите на оние коишто направија ништо изминативе години, односно го засрамија народот во Македонија и ги продадоа македонските интереси“, рече Мицкоски.
Прашан што очекува од посетата на македонската делегација во Софија, Мицкоски рече дека нема дилема во намерата на Владата да гради добрососедски односи.
„Нашето мото е дека туѓото не го сакаме, своето не го даваме, а градењето добрососедски односи е европска вредност. Имаме позиции за нашите интереси и ќе се обриме за нив како држава“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на настан по повод отворањето на спортски комплекс во Бутел.
Поранешни членови на македонскиот тим од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, преку писмо ги коментираа последните случувања и промени во составот на комисијата.
Во ставот се наведува дека историската комисија била злоупотребена за партиски цели и интереси во двете земји.
„Во минатото Комисијата беше постојана мета на политички мотивирани напади од бројни медиуми и политички партии и нејзината работа беше искористена за остварување политички цели. Тие напади продолжија до денес, а минатите неколку недели бевме сведоци на неаргументирани, обвинувачки и навредливи изјави на премиерот за работата на поранешните членови на Комисијата со кои тој ги дели граѓаните на „заштитници“ и „незаштитници“ на националните интереси согласно со неговите лични погледи“, се вели меѓудругото во ставот.
Владата на седница направи измени во составот на комисијата, откако Мицкоски во неколку наврати кажа дека веќе поранешните членови од македонската страна не ги оправдале очекувањата и не ги штителе националните интереси.