Во однос на изјавата на бугарската потпретседателка Илијана Јотова, која ги повика македонските власти „да ги читаат европските вредности со поголемо разбирање“, премиерот Христијан Мицкоски кажа дека постојат за жал земји-членки на ЕУ кои не ги почитуваат европските вредности.
-Колку што сум информиран апсолутно ние како држава ги почитуваме и постапуваме доколку постојат такви пресуди од институцијата која што е одговорна да носи одлуки за почитување и непочитување на човековите права, тоа е Судот за човекови права во Стразбур. За жал, имаме земји членки во Европа коишто имаат десетици такви пресуди коишто не ги почитуваат. Претпоставувам тоа ќе важи и за земјите членки не само за кандидатите. Јас би сакал да ја упатам Јотова овој совет да го даде и кон тие земји членки коишто треба конечно да ги почитуваат и коишто се испречени пред можни санкции за почитување на човековите права. Еве имаме такви 14 пресуди за македонската заедница во Бугарија. Еве, ги повикувам истите овие коишто ни даваат нам совет да ги советуваат и бугарските власти да може да дозволат македонската заедница барем да се организира во невладини организации. Ние не бараме да бидеме дел од Уставот барем од тоа што таму сум го слушнал, туку да се организираат во невладини организации. Тоа е нешто што може да го направат во таа насока, бидејќи јас колку што знам Бугарија како држава е потписник на Резолуцијата за заштита на човековите права. Така што, од прилика тоа би бил мојот коментар, рече Мицкоски.