Мицкоски: Европскиот извештај како најголема слабост повторно ги посочува правосудството и реформата на администрацијата

thumbnail_30102024_MICKOSKI_ROKAS-1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Премиерот Христијан Мицкоски го доби извештајот на Европската Комисија кој се однесува на напредокот во изминатата година.


Со извештајот, како што рече Мицкоски, опфатени се практично три влади, една политичка влада, една техничка влада и една влада која беше избрана на 23 јуни оваа година.

Мицкоски изјави дека и без извештајот, свесен е оти граѓаните живеат тешко и дека ни се потребни крупни чекори напред, клучни реформи и борба против корупцијата.

„Со извештајот добиваме една реална, објективна слика за состојбите за целокупната подготвеност на земјата во достигнувањето на европските правила и стандарди, како и за тоа што било направено во текот на изминатата година. Детектиран е добар или одреден напредок во некои области, но и ограничен или недоволен односно нема никаков напредок во повеќе други области и теми од Европското законодавство и стандарди“, изјави Мицкоски, додавајќи дека го охрабрува тоа што и во овој кус период на новата Влада, Европската комисија ги препознава напорите за борбата против корупцијата, нешто што не било случај во минатиот извештај.

Како и претходните години, најголемите слабости повторно се детектираат се однесуваат на кластерот 1- темели, односно на деловите поврзани со правосудството, реформа на јавната администрација.

„Нашите претходници требало и морало да направат повеќе и подобро, но да го оставиме тоа зад нас, мора да ги надминеме политичките препукувања и да се фокусираме на она што треба сите ние заеднички да го направиме. Немаме време за губење. Не’ очекува уште многу работа, сите нас, бидејќи реформите и европскиот пат се долгорочен и сеопфатен процес. Затоа ве уверувам дека ние како нова Влада работиме интензивно и посветено за подобрување на состојбите во сите области, особено во оние области на живеење каде проблемите и слабостите на системот се најголеми. За тоа ни е потребен ангажман од сите нивоа на власт- извршната, но и законодавната и судската, како и од нашата администрација, и останатите чинители во општеството – приватниот сектор, граѓанското општество, академската заедница“, рече Мицкоски.

Премиерот е дециден дека нема отстапување од реформите, бидејќи тоа е единствениот начин за да се подобри животот на граѓаните и да се зајакне македонското досие на патот кон членството во ЕУ.

Мицкоски напомена и дека граѓаните се уморни од целиот процес, и дека неоправдано сме во чекалницата, но единствената одржлива и стратешка цел за иднината на сите останува членството во Европската Унија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK