Премиерот, Христијан Мицкоски, ги отфрла наводите на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека во Македонија ќе бидат отворени кампови за мигранти. Вели дека додека тој е премиер, нема да никне ниту еден шатор за илегални мигранти во земјава.
„Додека јас сум премиер, додека јас сум претседател на оваа влада, нема да никне ниту еден шатор во кој што ќе бидат сместени илегални мигранти и нема да примиме ниту еден илегален мигрант“, рече Мицкоски.
Напротив, додаде тој, ќе ја зајакнеме нашата борба заедно со нашите сојузници во рамките на НАТО против илегалната миграција.
Мицкоски, исто така, кажа дека оваа тема не била разговарана со Велика Британија,
„Да потенцирам и да кажам јасно и гласно пред македонската јавност дека таква тема не е разговарана, но доколку се разговара, исто така, ќе биде одбиена од наша страна“, рече Мицкоски.
Филипче денеска на прес- конференција рече дека британските медиуми објавиле информации за тоа што е разговарано околу прашањето мигрантите од Британија.
„И од овие пишувања на британските медиуми дознаваме за разговорите кои што се воделе за мигрантите, дека треба да бидат интегрирани да бидат присутни на нашиот пазар на трудот, особено во градежништвото и тука да имаат трајни живеалишта. Дури има и детални информации дека Велика Британија ќе и исплаќа на Македонија 20.000 фунти по депортиран мигрант, согласно новиот договор за т.н. повратни центри. И сето ова замислете македонските граѓани го дознаваат од странски медиуми. Ова е апсолутно недозволиво, ова е скандал од невидени размери“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.