Додека лидерот на опозцијата Христијан Мицкоски бара лидерска средба на која ќе се договори датум за парламентарните избори и предупредува дека во спротивно ќе се случи уставна криза, првиот човек на Владата, Димитар Ковачевски вели дека избори ќе има во законскиот термин, но во меѓувреме нивната понуда што вклучува уставни измени и предвремени избори се’ уште е на маса.
„Во понеделник да ги изгласаме уставните измени, истиот ден ќе го распуштиме Собранието и ќе одиме на избори, или ако сакаат може да ги отвориме уставните измени да влезат во владата, да добијат 50 проценти од министерствата, да го завршиме скрингот и уставните измени, да ги отвориме поглавјата и да одиме на претседателски и парламентарни избори. Таа понуда се’ уште е на маса“, рече премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на „Вкуси ја традицијата – Втор национален саем за храна и пијалаци“,.
Според Ковачевски, по изјавите и на Мишел по вчерашниот состанок во Гранада, на комесарот Вархеј, по состанокот во Тирана, и по изјавата на претседателот на Франција, Макрон, јасно е дека динамиката за проширување во ЕУ постои и дека тие веќе се подготвуваат за проширување.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, вели дека зрело е да се седне на лидерска средба.
„Ние за неколку месеци од денеска ќе имаме исклучително два значајни изборни процеси. Едниот се претседателските избори, прв и втор круг, а вториот се парламентарните избори. Мислам дека на неколку месеци пред тие изборни циклуси да нема никаква активност е навистина неодговорно и тоа за првпат можеби се случува на македонската политичка сцена и затоа јас излегов со предлог идеа за лидерска средба. Ги слушнав одговорите од официјалните лица, од Артан Груби и Димитар Ковачевски за тоа што мислат тие за тоа, но еве да бидам попрецизен, кога зборувам за лидерска средба мислам на лидерска средба во формат во кој што ние ќе разговараме за дати за избори бидејќи можеме да влеземе во уставна криза и потоа процесите да бидат уставно предизвикани, а да бидам попрецизен да бидат и неуставни“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа на каков формат мисли кога бара лидерска средба на тема избори.
Додаде дека, бидејќи луѓето од власта често ги спомнуваат институциите една ваква лидерска средба може да биде организирана и од претседателот на Собранието, Талат Џафери во Парламентот. Мицкоски вели дека треба и сите ние да сме свесни дека претстојат два големи верски празници како што е рамазан и Велигден, а на тие празници им претходат и постови, така што мора да се подготвиамбиентот за да има фер изборен процес.
„Јас очекувам разум, очекувам одговорност барем еднашка и стојам на располагање и ние како коалиција на ВМРО-ДПМНЕ стоиме на располагање за една таква средба“, рече Мицкоски.
Законски предвидениот рок за претседателските избори е на 12 мај, а на редовните парламентрани избори – 15 јули.