Али Ахмети продолжува да биде фактор за нестабилност и тоа мене ме загрижува, но ги загрижува и нашите меѓународни партнери, изјави премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги изјавите на ДУИ дека ако се допре законот за јазиците, Албанците ќе бидат на нозе.
Мицкоски вели дека веќе станало навика, Ахмети со воинствена реторика да повикува на немири и нестабилност, но не мисли дека може да успее во тоа бидејќи Албанците, но и сите граѓани во Македонија се свесни за сето она што лично го направил тој и неколкумината околу него во изминатите дваесет години додека беа власт.
„Претпоставувам пораката се однесува на истите оние уставни судии кои што тој во Речица и оние на Бихаќка ги поставија во Уставен Суд. Законот за употреба на јазиците е во Уставниот Суд, а ако се погледне, таму се луѓето кои излегоа во тефтерчето од Речица и на Бихаќка. Претпоставувам дека притисокот врз тие луѓе продолжува и се бара некоја преносна структура да ја пренесе пораката. Не мислам дека ова е нешто сериозно, но тој продолжува да биде фактор за нестабилност и тоа мене ме загрижува, но ги загрижува и нашите меѓународни партнери“, рече Мицкоски.
Во врска со соопштението на ДУИ дека Мицкоски и се заканува на опозицијата, премиерот рече дека не се заканува никому бидејќи тоа е дел од негоиот карактер.
„Соопштението на ДУИ се однесува на мојата вчерашна изјава дека обвинители кога ќе треба да реализираат акција против криминалци кои што беа дел во претходните 7 години власт, тие тогаш добиваат стомачен вирус, температура, настинка…Поентата е работата да се заврши во истиот ден. Претпоставувам затоа се вознемирени бидејќи тие се навикнати на обвинителите да им седат на глава. Вознемирени се и нормално е што упатуваат такви пораки. Инаку јас никому не се заканувам, бидејќи тоа не е дел од мојот карактер и се што правам, правам без закани“, нагласи Мицкоски.