Алармот е вклучен. Изминатиов период сведоци сме на зголемен број случаи на меѓуврсничко насилство, со што мора да се потенцира дека станува збор за комплексен и сериозен општествен проблем за кој не треба да се молчи и мора да се зборува. Молчењето значи соучество. Секој од нас, директно или индиректно учествува во креирањето на поголемата слика за (не)прифаќање и за појава на (не)насилно однесување кај децата.
Врсничкото насилство или булинг е подвид на агресивно однесување зад кое стои непријателска намера и најчесто е повторувачко однесување кое несомнено влијае негативно врз психичкиот раст и развој на детето.
Како психолог кој работи на промоција на грижата за менталното здравје, како и зачувување и одржување на психичката добросостојба кај деца, млади и возрасни, сметам дека залудно е да гледаме во магливи далечини и да зборуваме за нешто што ни е далечно, пред да се зафатиме со изнесување на актуелни и сериозни појави кои секојдневно се случуваат во нашето општество, а за жал, без сомнеж влијаат негативно врз психофизичкото здравје на сите засегнати.
Неопходно е преземање на акција за решавање на појавата на феноменот на меѓуврсничко насилство, а првиот и најважен чекор е препознавање на облиците на насилство.
Постојат четири типови на насилство: вербално, социјално, физичко и сајбер насилство. Вербалното насилство се манифестира преку навредување, подбивање, ширење гласини, закани, потсмевување и сл. Најчесто се среќава во училиште и истото може лесно да премине во социјално насилство кое се манифестира преку ширење дезинформации, исклучување од група, јавно исмевање. Сите овие облици на неприфатливо однесување може да доведат до физичко насилство кое е највоочлив облик и подразбира нанесување физички повреди врз поединецот преку удирање, штипење, туркање. Најновиот облик на насилство е сајбер насилство кое се случува преку социјалните медиуми, телефони, компјутери, таблети и вклучува споделување негативни, штетни или лажни податоци за некого.
Препознавањето значи чекор поблиску во определување начин за делување и промоција на ефективни техники и едукативни содржини со цел спречување на појавата на насилно однесување. Сите чинители на општеството почнувајќи од семејството, наставниците, стручните лица во училиштата треба да делуваат во насока на превенција на појавата на ова негативно однесување кое може да има сериозни последици.
Насилството е групен феномен врз чие јавување и одржување влијаат различни фактори. Тоа е усвоено однесување кое детето може да го манифестира како резултат на имитација и прифаќање за типично, нормално однесување кое најчесто е (ин)директно наметнато од примарните агенси на социјализација, односно социјалното опкружување.
Насилството не претставува вродена карактеристика, меѓутоа одредени индивидуални особености (антисоцијални црти на личноста, бесчувствителноста, проблематично однесување, импулсивност, нетрпеливост, одредени трауматски искуства) можат да бидат ризик фактор за појава на насилно однесување.
Влијанието на семејството е огромно врз детското поведение, а особено врз можноста детето да демонстрира насилно однесување. Голема е веројатноста детето да го усвои и прифати насилното однесување доколку расте во дисфункционално семејство во кое има недостаток на емоционална поддршка, внимание и топлина, каде е присутно насилство меѓу родителите, конфликти, несоодветна комуникација. Многу истражувања укажуваат на тоа дека важноста и влијанието на семејството врз развојот на поединецот е видливо не само во детството туку и подоцна во животот.
Големите промени започнуваат со мали чекори. Можат нештата да се променат, доколку се започне од домот. Обезбедување кохезија и заедништво исполнето со љубов и вистинска грижа е секогаш нјдоброто што може да му се понуди на детето. Клучно е родителите да бидат емоционално достапни, да не бидат само ‘‘банкомат‘‘ на сопственото дете, неопходно е да бидат активно заинтересирани за секојдневието на своето дете, да имаат отворена комуникација за тоа како го поминува времето, да се грижат вистински за неговите чувства, да раговараат со детето и да бидат осетливи на промената на однесувањето на нивното дете.
Да се биде родител е голема одговорност, тоа е улога полна со предизвици, бара флексибилност, знаење и вештини. Неопходна е едукација на родителите со цел да се поттикнат на позитивна промена на сопственото однесување, за потоа да очекуваат да има промена на однесувањето кај нивното дете. Родителите треба да бидат позитивен модел на однесување. Децата го слушаат тоа што им се кажува, меѓутоа го прават тоа што го гледаат. Ако сакаме здрава иднина, мора промена, а променета започнува од возрасните. Да не заборавиме дека големината е во љубовта и поддршката или како што вели Махатма Ганди: Ненасилството е најголемата сила со која човештвото располага.
М-р Ирена Христова Манева
– Лиценциран психолог
*Психоедукативен текст подготвен во рамки на Денови на психологија 2024
– Национална платформа на психолози за Унапредување на ментално здравје при Комора на психолози на РСМ
Опсервер.мк е поддржувач на Денови на психологија 2024, организирани од Комора на психолози