Нема можност за ново покачување на платите на здравствените работници. Кабинетот на министерот за здравство Фатмир Меџити попладнево, по протестот на здравствени работници ширум земјава, преку соопштение до медиумите извести дека по двете покачувања на платите годинава и најавата за регрес од 10.000 денари, буџетот и можностите не дозволуваат уште едно.
„Оваа година двапати веќе им се покачуваат платите на здравствените работници. Еднаш во првата половина на годината се покачија за 2.000, 2.500 и 3.000 за три групи здравствени работници. А сега на 9 октомври имаше ново покачување од 10 %, плус договорена е исплата на регрес на крајот од годината. Апсолутно сметаме дека покачувањето е значајно и Министерството и министерот Меџити од преземањето на функцијата силно се залагаат за подостоинствен приход, а двете покачувања се резултат, меѓу другото, и на оваа заложба. Сепак, можностите и буџетот не дозволуваат повеќе од две покачувања во годината. Министерството веќе одржа повеќе состаноци со синдикатите, каде што беше разговарано на оваа тема, при што детаљно им беше образложен пристапот на Владата и на Министерството за здравство во однос на покачувањата“, соопшти Кабинетот на министерот Меџити.
Здравствените работници од целата земја утрово излегоа на предупредувачки протест, на кој барањата се 30 % поголема плата, нов колективен договор, бенефициран стаж, покачување на додатокот за инфекција од 1 на 4 % и трансформација на договорите на определено во договори на неопределено време на здравствените работници и административно-техничкиот персонал. Најавија дека протестите ќе продолжат оти Министерството не одговорило на нивните барања доставени на почетокот на месецот.