„Ако порано се злоупотребуваше национализмот, а цело време се вршеше корупција, во времето на Груевски, оваа влада цело време зборува за Уставни промени, за европски интеграции и вредности, како параван, а ништо не работи во таа насока. Секојдневно се соочуваме со коруптивни зделки, на различни нивоа“, истакна Изет Меџити на денешната прес-конференција.
Тој кажа дека во последно време Владата веќе и не зборува за Уставни промени, туку се заинтересирани на кој начин да го изведат тоа, албанската опозиција да нема свој член во ДИК.
– Тоа е индикација дека спремаат нефер и недемократски избори. Македонската опозиција е присутна во ДИК со три члена, проблематизираат за еден член од албанската опозиција, додаде Меџити.
Според него Владата, во последно време е фокусирана на измена на Кривичниот законик, се со цел како што вели да му се овозможи враќање на Груевски.
„Некаде 70 отсто од делата на Груевски и неговата тајфа се затворени и се во голема паника како 30 отсто од другите предмети да ги затворат, дали со притисок или тероризирање на Врховниот суд или пак со други механизми, но по секоја цена да се затвори се во однос на коруптивните зделки од минатото и да му овозможат на Груевски да се врати, како што му помогнаа да избега. Кога зборувам за Груевски зборувам за целата компанија. Нивниот фокус не е ниту интересот на граѓаните, ниту стратешките интереси на државата, ниту евроинтеграцијата, единствен нивен интерес е како да опстанат на политичката сцена“, додаде Изет Меџити.