Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити одржа прес-конференција во Владата на Република Северна Македонија по повод пристигнувањето на лекот Трикафта за пациентите со цистична фиброза.
„Се сеќавам пред неколку месеци на кризата која се создаде поради бирократските процедури кои создадоа паника кај пациентите со цистична фиброза, оправдан беше нивниот револт, на нивните семејства, блиски. Оправдан беше и револтот на јавноста, а ние како Влада нешто мораше да смениме. Како министер за здравство, а пред сѐ како долгогодишен лекар секогаш во прв план ми биле пациентите и нивното здравје. И секогаш сум се залагал сите потреби во однос на лекови, дијагностика, во однос на помагала, нешто што е секојдневна потреба на пациентите да бидат решени колку што може побрзо, веднаш! Бирократските препреки не смејат и не треба да бидат причина за здравјето на граѓаните“, вели Меџити.
Како што додава лекот Трикафта е веќе на Универзитетската клиника за детски болести.
„Со 100 милиони денари набавена е терапија за следните месеци. Дополнително предвидени се 854 милиони денари за лекот, за 2024 и 2025 година, со што во следните две години пациентите со цистична фиброза се обезбедени со терапија. Пациентите со цистична фиброза, етапно се вклучуваат на терапија, согласно Протоколот и прецизни критериуми на евалуација, се одлучува за добивањето терапија. Листата на пациенти е направена од страна на Стручна Комисија, по направени медицински прегледи на сите пациенти со цистична фиброза, според бодирање“, посочува Меџити.
Тој потсетува дека лекот Трикафта е безбеден лек, одобрен од Европската медицинска агенција.
„Тоа што е многу важно ефектот од терапијата е брз, значителен и одржлив. Лекот во Европа е стандардна терапија за третман на пациенти со цистична фиброза. Како министер сум отворен и транспарентен со пациентите да ги слушнам кои се вистинските нивни потреби и кој е начинот на кој би ги решиле. Решенијата кои ги носиме не се наметнати туку имаат вистински ефект“, изјави Меџити.