Меџити: Со проектите ЕУ за Преспа вредни над 14 милиони евра ќе се заштитат природните вредности

thumbnail_8-1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, заедно со амбасадорот на Европската Унија и шеф на Делегацијата на ЕУ во нашата земја Дејвид Гир, постојаниот претставник на УНДП Армен Григоријан и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, денеска беа во посета на Преспанскиот Регион, каде заедно со градоначалникот на општина Ресен Јован Тозиевски ги презентираа комплементарните активности и мерки, вредни над 14 милиони евра што ќе се финасираат во рамки на Програмата „ЕУ за Преспа“.


Европската Унија како инвеститор, Програмата за развој на Обединетите Нации како имплементатор, заедно со општина Ресен, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Царинската управа и други национални и локални партнери и засегнати страни ќе работат на заштита на биодиверзитетот во Преспанското Езеро, развојот на одржливото земјоделие и туризам, а ќе се спроведат и крупни инфраструктурни интервенции за справување со отпадот и отпадните води и поттикнување на регионалниот развој.

Инвестициите во Преспанскиот регион, што ќе се спроведат преку два проекти, финансирани од ЕУ и делумно од УНДП и национална контрибуција –„ЕУ за инфраструктурни подобрувања во регионот на Преспа“ и „ЕУ за Преспа – обнова на природните ресурси за зајакнување на одржливото земјоделие и туризам“, ќе овозможат промоција и поддршка на добрите земјоделски практики, изградба на системите за управување со отпадни води со што повеќе од 1500 жители на 6 села ќе имаат и пристап до модерни и ефикасни решенија за справување со овој предизвик, а мрежата за собирање на цврст отпад ќе се прошири со 11 села и над 1100 жители, со што ќе се спречи загадувањето на животната средина со повеќе тони отпад секоја година. Исто така, предвидено е и отворање на граничниот премин „Маркова Нога“ меѓу Република Северна Македонија и Република Грција.

Како што изјави првиот заменик претседател на Влада и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити во своето обраќање, ова се значајни инвестиции кои бараат соработка на националните и локалните власти со меѓународните институции и граѓанскиот сектор. Со изградба на прекуграничниот премин кај Маркова нога ќе се овозможат подобри услови за развој на земјоделието и туризмот и полесен промет на луѓе и стоки.

„Со реализација на овие инвестиции, како држава ја потврдуваме нашата посветеност кон отворено општество, прекугранична мобилност и соработка и промоција на Зелената агенда за Западен Балкан во согласност со мото „ниту една личност и ниту еден регион да не биде запоставен“ истакна Меџити.

Во рамки на посетата високите функционери го посетија Царев Двор, „Духот на Преспа“ каде им беа презентираа добрите практити за промоција на регионот на Преспа преку агро-туризмот на локалните земјоделци. Исто така ја посетија и локацијата „Маркова Нога“, каде треба да се изградиновиот граничен премни.

Проектите ќе се имплементираат во наредните 3 години и ќе се спроведат до септември 2027 година.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK