Министерот за здравство Фатмир Меџити ја посети Универзитетска Kлиника за торакална и васкуларна хирургија во Скопје.
Министерството за здравство, како што информираат, за потребите на пациентите и Клиниката, набави хируршки столб Торакоскоп, со што се овозможи систем од најновата генерација од американскиот производител „Arthrex“, да се користи на оваа клиника.
Овој апарат, како што велат, е наменет за изведување минимално инвазивни ендоскопски торакално-васкуларни процедури во делот на белодробие, како стандардни, така и специфични.
Системот, како што појаснуваат во соопштението, овозможува многу подобра визуелизација на крвните садови во однос на конвенционално бело светло, со што се олеснува и забрзува хируршката интервенција.
Со технологијата која ја има апаратот се овозможува одлична визуелизација на проток на крвта пред, за време и по хируршката процедура, како и полесна идентификација на граници на одредени ткива, со што се овозможуваат попрецизни и побрзи хируршки процедури.
„Со овој современ апарат се овозможува проверка на васкуларни анастомози и перфузија, детекција на лимфни чворови.
Системот има автоматско внесување податоци, како и поврзување со корисници надвор од операциона сала преку интернет или компјутерска мрежа.
Хируршкиот столб е купен од Министерството за здравство, за потребите на Клиника за торакална хирургија и е инвестиција од 11,1 милион денари“, се нагласува во информацијата.
Меџити заедно со неговиот кабинет, потенцираат од ресорното министерство, интензивно работат на подобрување на условите во јавно здравствените установи, со цел поквалитетна здравствена услуга за пациентите и подобри услови за работа на здравствените работници.