Владата има демократски и политички капацитет да ги решава проблемите внатре, во владината коалиција, рече денес министерот за животна средина и прв вицепремиер Изет Меџити откако во јавноста владините партнери покажаа спротивни ставови за предложениот закон за бранителите. Министерот Меџити смета дека не е законот за бранители во прашање туку дилемата како СДСМ, партнерот на ДУИ, кои осум години промовираа граѓански концепт врз основа на кој собираа и албански гласови и имаат високи функционери во нивните редови, преку ноќ предлагаат закон за бранителите.
„Дилемата се поставува дали не беа искрени кога промовираа граѓански концепт или тоа беа истите кои преку ноќ станаа националисти и предлагаат ваков закон. Не им е грижа ни за бранителите, ни за УЧК, нив им е грижа како да се спасат од одговорноста. Нема потреба за загриженост бидејќи тој закон нема да помине“, рече министерот Меџити.
Тој нагласи дека оваа Влада има историски најстабилно мнозинство од деведесеттата година навака и со 78 пратеници има капацитет да ги решава проблемите во владината коалиција.
Владината коалиција за која Меџити вели дека е досега најстабилната кај нас, покажа различни ставови за законот за бранители поднесен од СДСМ. Потпретседателот на Вреди, Халил Снопче изјави дек аќе ја напуштат коалицијата доколку законот биде изгласан, а премиерот Христијан Мицкоски кој недвосмилено кажа дека ги поддржува бранителите, рече дека нема да толерира уцени и кусо му порача „со среќа“.