„Целосна невистина е пропагандата на Левица дека наводно јас сум продал археолошко наоѓалиште на Анѓушев за фотоволтаици“, реагира на социјалните мрежи поранешниот вицепремиер и министер за правда, Бојан Маричиќ.
„Еве ги фактите: Јас, ниту како министер за правда, ниту како вицепремиер за европски интеграции никогаш не сум имал надлежности за оттуѓување државно земјиште. Се злоупотребува тоа што јас сум претседавал со одредена седница на Влада, по налог на премиерот, на која седница оваа точка била на дневен ред. Одлуките од овој карактер задолжително се носат со мнозинство гласови, како колективни одлуки на владата, но исклучиво после добиено позитивно мислење од сита надлежни институции. Во овој случај, како што веќе известија медиумите, претходно позитивно мислење дале сите релевантни институции, а особено важно е што Националниот конзерваторски центар и Управата за заштита на културното наследство дале мислења дека нема културно наследство што е загрозено со отуѓување на оваа парцела. Во вакви случаеви, оној кој претседава со седница на Влада има обврска да ја стави точката на дневен ред и да побара мислење од Владата“, се вели во реакцијата на Маричиќ.
Неговиот заклучок е дека Левица тера лажна пропаганда, Владата донела одлука врз основа на претходни позитивни мислења од сите засегнати институции, а тој како вицепремиер само ја водел таа седница на Влада, по налог на премиерот кој бил оправдано отсутен.