Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на покана на претседателот на бошњачката Странка на демократска акција на Македонија, Џелал Хоџиќ, присуствуваше на свеченото одбележување на 28 септември – Меѓународниот ден на Бошњаците.
Маричиќ во своето поздравно обраќање рече дека одбележувањето на меѓународниот ден на Бошњаците значи потврдување на нивниот јазик, култура и идентитет, но и прифаќање на етничките разлики во демократското македонско општество, во кое се заштитени интересите на сите граѓани.
„Заедно, децении наназад, како сограѓани, заедно сме ја граделе Северна Македонија и заедно сме биле исправени пред предизвиците. Денеска на патот кон нашата заедничка европска иднина градиме мостови на пријателства и заедно чекориме кон подобра иднина. Заедно и ќе продолжиме да градиме стабилна и сигурна иднина, за нашите идни поколенија и за сите граѓани во неа, рече Маричиќ.
Вицепремиерот пред присутните рече дека македонскиот и бошњачкиот народ имаат исти цели и работат на нивно исполнување, а тоа е како што кажа Маричиќ просперитетот и напредокот на земјата, мирот, поврзаноста и соработката во регионот, во што Бошњаците даваат значаен придонес, но и голема посветеност во исполнувањето на европските интеграции на Северна Македонија.
„Придонесот на Бошњачката заедница во економскиот, културниот и општествениот живот во земјава е мошне значаен. Нивното учество во сите значајни државни процеси е од клучно значење за напредокот и развојот на државата и истовремено доказ за мултикултурното и мултиетничко општество во кое живееме“, посочи Маричиќ.
Вицепремиерот за европски прашања потенцираше дека по примерот на Европа, за соживот и почитување на заедници кои се обединети токму во различностите, целта на Владата е да гради „Едно општество“, концепт кој го заштитува и негува идентитетот на сите заедници.