Македонски Концепт ја оценува за позитивна иницијативата на претседателот на Уставен Суд, Дарко Костадиновски, да започне да донесува правни, а не политички одлуки.
Иако се сомневаме во капацитетите на овој состав на судот, сепак изјавата е нешто ново во македонското судство и малку дава надеж кон враќање на довербата во истото, велат од Македонски концепт.
„Ако останеме сега глуви и не дадеме отворена поддршка кон таа иницијатива, истата ќе биде скршена и веќе нема да ја видиме од друг судија. Затоа даваме силна отворена поддршка за правна држава и силен интегритет на судството.
Ги осудуваме обидите за мешање, па и закани кон судот, од страна на албанскиот етнички шовинизам, манифестиран преку поведението на низа политички субјекти, што претставува отворено мешање на политиката во судството.
Како земја кандидат за членство во Европската Унија, ние мораме да ги имплементираме одлуките на Венецијанската Комисија во врска со Законот за употреба на јазиците. Секој граѓанин и политички субјект, не може да се смета за проевропски, ниту за демократски а да е против ставовите и вредностите на ЕУ и нејзините институции.
Воедно ја поздравуваме и изјавата на премиерот Мицкоски, за немешање во одлуките на Судот и прифаќање на секоја одлука базирана на правни аргументи“, се наведува во соопштението на Македонски концепт.