Министерот за правда Кренар Лога , заедно со премиерот Димитар Ковачевски, директорот на УВМК Емир Сулејмани, Државниот секретар во МП, Мухамед Точи и пратеничката Љатифа Шиковска им поделија изводи од матичната книга на родени на досега неевидентираните лица.
Министерството за правда го поддржуваше и координираше процесот за системско и трајно решавање на повеќедеценискиот проблем на приближно 700 лица, кои беа неевидентирани и незапишани во матичната книга на родени.
Дадовме поддршка на подготовката на Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени кој беше донесен во 2020 година.
Предлог на Законот за изменување и дополнување на овој закон беше поднесен од група пратеници во Собранието а донесен на 14 Јуни 2023 година, посочи Лога.
Согласно Конвенцијата за правата на детето, со овој закон се гарантира правото на упис во матична книга на родени на секое дете родено на територијата на Република Северна Македонија веднаш а најдоцна 45 дена од денот на раѓањето на детето, независно од државјанството и личниот статус на неговите родители.
Донесувањето на овој закон ја покажа нашата политичка волја за почитување на човековите права на неевидентираните лица.
Беше истакната благодарност до невладините организации, до УНХЦР и ОБСЕ за континуирана поддршка која ни ја даваат за решавање на проблемот со лицата неевидентирани во матичните книги.