Владејачката коалиција од ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, наместо да гради социјални политики во кои фокусот ќе биде подобрување на состојбата на ранливите категории на граѓани, крати средства токму од нив, велат од Левица.
„Со предлогот за Ребаланс на буџетот скандалозно е предвидено е да се скратат 10 милиони денари наменети за здруженијата на лицата за инвалидитет, што беше причина овие здруженија да реагираат и да си ги бараат своите права.
Имено, со Законот за игри на среќа предвидено е дел од средствата од игрите на среќа да се наменат за проекти на здруженијата на лицата со инвалидитет. И покрај тоа што ова е законска обврска, актуелната власт наместо да ги исплати овие средства на лицата со инвалидитет, истите ги пренамениле за други намени. Скандалозно е што десничарската влада веднаш почна со кратење средства токму од оние на кои што им е најмногу потребно и дополнително ја маргинализира нивната положба“, се истакнува во реакцијата на оваа партија.
Со досегашните чекори што ги превзема и најавите за намалување на даноците за најбогатите фирми, власта на Мицкоски, додаваат од Левица, јасно покажува тенденција да ги штити најбогатите на сметка на сиромашните и маргинализираните.
„Наместо да креираат политики за пренамена на богатството кон оние на кои што им е најмногу потребно, оваа десничарска коалиција креира политики со кои што богатите ќе бидат уште побогати, а сиромашните уште посиромашни“, истакнуваат од Левица.