Додека граѓаните на Аеродром и Скопје плаќаат и по 2.500 евра за квадратен метар станбен простор, крупниот капитал продолжува да добива привилегии од институциите. Компанијата „Адора“ на Чифлиганец добива повеќе од 23.000 квадратни метри атрактивно земјиште во Општина Аеродром по цена од околу 46 евра за квадратен метар, односно за вкупна сума од нешто над 66 милиони денари или околу еден милион евра, велат од партијата Левица преку соопштение.
„Станува збор за исклучително атрактивна локација на кејот на Вардар, веднаш до „Јане Сандански“, меѓу хотелите „Русија“ и „Хилтон“. На околу 20.000 квадратни метри од овој простор е предвидена градба, додека 40 проценти од просторот е со комерцијална намена, вклучително и хотели и објекти за собири.
За граѓаните квадратот денес вреди илјадници евра. За крупниот инвеститор – само 46 евра. А колку ќе вреди тој квадрат утре, откако на оваа атрактивна локација ќе се изградат објекти? Четири илјади? Пет илјади евра по квадрат?
Токму во оваа разлика се гледа суштината на економската политика која со години ја спроведуваат и централната и локалната власт – граѓаните плаќаат најскапо, додека јавниот имот и најатрактивните градски локации се претвораат во можност за профит на крупниот капитал.
Оправдувањето со „пазарните услови“ е само уште една политичка флоскула со која се прикрива системот на приватизација на јавниот простор и јавниот имот. Кога станува збор за обичниот човек, пазарот секогаш е немилосрден. Кога станува збор за големите инвеститори, институциите очигледно знаат да бидат многу попустливи.
Затоа, го прашуваме градоначалникот на Општина Аеродром, Митески, дали ова вредно земјиште се продава затоа што општинската каса е празна или, пак, зделката е одамна договорена?
Доколку продажбата се врши поради празната општинска каса, тогаш јавноста има право да знае што ќе се случи со средствата кои ќе ѝ припаднат на Општина Аеродром од оваа продажба – околу 400.000 евра. Дали овие пари ќе бидат искористени за нешто што директно ќе им користи на граѓаните или повторно ќе исчезнат во тековни трошоци, без граѓаните да видат никаква конкретна корист?
Оттука, јавно го повикуваме градоначалникот Митески да одговори:
Зошто се продава ова атрактивно општинско земјиште?
Како е утврдена почетната цена од 2.032 денари за квадратен метар?
Дали Општина Аеродром направила проценка колкава е реалната вредност на оваа локација?
И каде точно ќе завршат околу 400.000 евра што ќе ѝ припаднат на Општина Аеродром од продажбата?
Додека граѓаните се задолжуваат со децении за да обезбедат покрив над глава, највредните јавни ресурси продолжуваат да се продаваат и отстапуваат во интерес на оние кои и онака имаат најмногу“, се наведува во соопштението на Левица.