Новата учебна година, за учениците со попреченост започна без нивните образовни асистенти – власта заглави со списоците за партиски вработувања, па оттука неизвесноста и револтот кај родителите, реагираат од Левица.
Отсуството на образовните асистенти, кои се голема помош и поддршка во наставниот процес, претставува дополнителна грижа за родителите и пречка во инклузивниот процес што оди на штета на учениците.
„Овој пропуст доаѓа поради ненавремената дадена согласност од страна на Министерството за образование. Иако јавните огласи се во тек, сепак, спроведувањето на целата задолжителна законска процедура ќе влијае на задоцнет почеток со работа на асистентите и дополнителни проблеми за наставниците, родителите и децата. И покрај тоа што министерката за образование, Весна Јаневска, најави зголемен број на асистенти, сепак, работите на терен не се баш такви според изјавите на родителите. До Левица стигнуваат и голем број реакции од родители, чии деца во текот на минатата учебна година имале асистенти, за оваа година, иако нема промена во функционалноста на децата, Комисијата за функционална проценка да не им додели асистент, кој им е суштински неопходен за ефикасно функционирање во редовниот наставен процес. Апелираме до министерката Јаневска сериозно да си ја преземе улогата на одговорно лице и да не дозволи калкулирање со децата со попреченост, како и со нивните родители на кои им е неопходна секоја помош и поддршка! Не смее поради незавршени административни процедури и ангажирање на нови партиски кадри да страдаат најранливите“, се додава во реакција на партијата.
Како политичка партија инсистираат сите огласи за асистенти, сите обновувања на договори и обуките за асистентите да се одвиваат пред да започне учебната година.
„Сето тоа да се завршува навремено и во полза на учениците на кои асистентската поддршка им е повеќе од потребна, а не како што е сега – на нивна штета. Наместо администрацијата да ужива во летните одмори, да ги вложи сите свои капацитети за навремено завршување на своите обврски – учебната година треба да започне подеднакво за сите!“, завршуваат од Левица.