Лекарската комора и здруженијата на пациентите се обединуваат за унапредување на здравствената заштита

Лекарската-комора-и-здруженијата-на-пациентите-се-обединуваат-за-унапредување.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Со цел унапредување на заедничката соработка во насока на создавање на подобри услови за лекување на пациентите и работа на лекарите, Лекарската комора потпиша Меморандум за соработка со здруженијата на пациенти.


Документот во име на Комората го потпиша претседателката Калина Гривчева Старделова со претставници на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“, Здружението на граѓани за ретки болести “Живот со предизвици”, Хепар центар Битола, Здружението на граѓани со хронична миелоична леукемија, Здружението за поддршка на луѓе што живеат со ХИВ „Заедно посилни“, Сојузот на здруженија на дијабетичари на Северна Македонија, Здружението на пациенти со рак и нивни негуватели „ХЕМА-ОНКО” и “ФЕМИНА М” здружение за помош и поддршка на пациентите со гинеколошки заболувања.

Претседателката на Комората, Гривчева Старделова истакна дека меморандумот е израз на добра волја на двете страна за понатамошна поблиска соработка.

„Ова е важен настан за сите нас, бидејќи испраќаме јасен сигнал до јавноста дека лекарите и пациентите не се две спротиставени страни, како што тоа најчесто се перцепира, туку напротив, тие се вистински сојузници со заедничка цел, а тоа е овозможување на што подобар третман за пациентите, што е тесно поврзано со обезбедување на подобри условите за работа на докторите“, истакна Гривчева Старделова.

Заедничките активности ќе бидат насочени кон подигнување на нивото на соработка и комуникација меѓу пациентите и лекарите за зајакнување на довербата и воспоставување на партнерски однос, давање меѓусебна поддршка за прашања од взаемен интерес преку заеднички соопштенија, прес – конференции, форуми, реализација на заеднички активности насочени кон подигнување на нивото на општото здравје, како и заеднички настап пред надлежните институции за предлагање на решенија за прашања од заеднички интерес. Како приоритена активност во наредниот период се идентификуваше потребата од заедничко вклучување во процесот на измени и дополнување на позитивната листа на лекови.

Потписниците на Меморандумот, исто така, ќе одржуваат и редовни координативни состаноци, а во овие активности ќе може да се приклучат и други здруженија на пациенти кои ги делат истите цели и интереси.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK