По најавите на банките за зголемување на трошоците за банкарски услуги и изјавите на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, дека се потребни законски измени за ограничување на банкарските провизии, уште еднаш се потврди дека Либерално-демократската партија (ЛДП) со години е во право кога предупредуваше на овој проблем, посочуваат од оваа партија.
Според ЛДП, додека граѓаните плаќаа сè повисоки надоместоци за користење на сопствените пари, надлежните институции и големите партии молчеа.
„ЛДП преку кампањата „Твоја сметка – твои пари“ и преку конкретни законски иницијативи поднесени во Собранието од претседателката Моника Зајкова, континуирано бараше ограничување на неоправдано високите банкарски трошоци и поголема заштита на корисниците на финансиски услуги.
Денес, кога и Народната банка јавно го отвора ова прашање, очекуваме Владата и парламентарното мнозинство конечно да покажат политичка волја и да ги поддржат реформите што ќе значат пониски банкарски трошоци за граѓаните“.
Како што појаснуваат од ЛДП, пристапот до сопствената плата, пензија или заштеда не смее да биде дополнителен извор на заработка преку воведување на дополнителни високи провизии.
„Банкарскиот систем треба да им служи на граѓаните, а не обратно.
Продолжуваме со борбата за фер и транспарентни банкарски услуги, затоа што парите кои се на граѓаните, треба да останат кај граѓаните“.