Либерално-демократската партија (ЛДП) изразува сериозна загриженост поради растот на доспеаните, а неплатени обврски на државата, кои на крајот на јуни 2026 година изнесуваат речиси 700 милиони евра.
„Според податоците на Министерството за финансии, објавени во новата „должничка листа“, доспеаните и неплатени обврски изнесуваат 692,5 милиони евра. Тоа е зголемување од повеќе од 26 милиони евра за само шест месеци, а во однос на март годинава долгот е зголемен за дополнителни 17,5 милиони евра.
Се работи се пари кои што им се должат на компании, граѓански организации, јавни институции и други субјекти, од кои само обврските кон приватниот и граѓанскиот сектор достигнале над 315 милиони евра, што значи дека државата доцни со плаќања кон оние кои секојдневно ја одржуваат економијата во живот“, велат од ЛДП.
„Граѓаните имаат право да знаат зошто државата бара од нив редовно да ги плаќаат своите обврски, додека самата држава создава милионски долгови кон приватниот сектор и институциите.
Истовремено, граѓаните се соочуваат со зголемени трошоци за секојдневното живеење, поскапи услуги и повисоки банкарски трошоци. Додека семејствата внимаваат на секој потрошен денар, државата дозволува да се наталожат стотици милиони евра неплатени обврски, а граѓаните дополнително плаќаат провизии и административни трошоци за да располагаат со сопствените пари.
Не може да зборуваме за здрава економија ако државата доцни со плаќањата, јавните претпријатија создаваат огромни долгови, а трошокот за неефикасноста на системот на крајот го плаќаат граѓаните.
Бараме Владата и Министерството за финансии јавно да објаснат кои се причините за растот на доспеаните и неплатени обврски и кога и како ќе бидат намирени обврските кон приватниот и граѓанскиот сектор?
Кои мерки планираат да ги преземат за да се спречи понатамошно задолжување на државните компании и како ќе обезбедат финансиска дисциплина во државните и локалните институции;
ЛДП смета дека со јавните пари мора да се управува одговорно, транспарентно и во интерес на граѓаните, а не за одржување на неефикасен систем на државни компании и институции. Државата не смее да биде најголем должник, додека граѓанинот е најредовен плаќач.
На граѓаните им треба економија во која државата ги плаќа своите сметки навреме, банките не ги оптоваруваат со непотребни провизии, а институциите работат ефикасно и одговорно. Тоа е суштината на либерално-демократската политика – помалку непотребни трошоци, повеќе одговорност и повеќе пари во рацете на граѓаните“, се наведува во соопштението на ЛДП.