Изминатите години се години кои се црно минато за нашата држава. Години кои ќе сакаме да ги заборавиме и никогаш повеќе да не ни се повторат. Години на тешки национални предавства, криминал и корупција од енормни размери, опасна економска катастрофа, јавен долг од 8,8 милијарди евра, најниски плати и пензии во Европа, а највисока инфлација во регионот и пошироко. СДС-ДУИ забегаа во секоја смисла на зборот, без никакви чувства, без никакви сопирачки, рече Драган Ковачки, носител на листата на пратеници во третата изборна единица од митингот во Кратово во рамките на предизборната кампања за парламентарни и претседателски избори.
Ковачки истакна дека иселувањето има земено загрижувачки размери, огромен дел од младите размислуваат за селење во странство и скоро да нема фамилија што нема свои блиски раселени по белиот свет, при што запраша каде се сега СДС да оставаат чевли пред Влада, како симбол за сите наши што се иселија.
„Устата им е полна со Европската Унија“, рече Ковачки и додаде, „ама во Европската Унија заминаа само тие што се иселија, сите останати сме тука во татковината, грчевито се бориме на парчето земја кое го населувале нашите татковци, дедовци и прадедовци и сакаме тука да останеме, да живееме нормално и да бидеме во друштво со европските народи“.
Ковачки посочи дека за тоа да се реализира треба работа, многу работа, многу напредок и љубов за сопствената земја за што ВМРО-ДПМНЕ како во минатото, така и во иднина ќе работи за интересите на сите граѓани и на граѓаните од Кратово.
Пред присутните на народниот собир во Кратово, Ковачки наброја дел од проектите предвидени во предизборната програма „Платформа 1198“ кои ќе бидат реализирани во градот во наредниот четири годишен мандат.
„Во рамките на третата фаза од проектот „Злетовица“ – Предвидуваме изградба на шест мали хидроцентрали меѓу кои и две хидроцентрали со цевководи за водоснабдување на општините Пробиштип и на Кратово;
Предвидуваме заживување на проектот „Плавица“ и отворање на Рудникот за бакар, злато и сребро;
Изградба на дом за стари лица во Кратово;
Реконструкција на детска градинка Царка Андреевска;
Реконструкција на градска сала;
Регулација на речно корито и изградба на колекторски систем за уредување на дел од Манцева река и дел од Кратовска река;
Реконструкција на патиштата до селата Близанци, Куново, Мушково и Нежилово до Каврак;
Изградба на мала пречистителна станица во село Приковци;
Реконструкција на зградата на поранешна Кристалограверница и многу други проекти кои што планираме да ги реализираме во Кратово“, рече Ковачки.