Премиерот Димитар Ковачевски го отвори министерскиот совет на ОБСЕ, констатирајќи дека Северна Македонија го презела претседавањето во период во кој тешко кој можел да предвиди дека ќе има турбуленции и предизвици од овој обем, како во однос на геополитичкиот контекст и ескалацијата на безбедносните предизвици, така и во однос на функционалноста и иднината на самата организација.
„Воената агресија на Русија врз Украина продолжи со несмален интензитет и разурувачки последици потврдувајќи ја својата неоправданост и неправденост. Секој изминат ден и изгубени животи се сурова потврда дека воената агресија претставува акт на кршење на повелбата на ОН, принципите на ОБСЕ и меѓуанродното право“, рече Ковачевски во обраќањето.
Нагласи дека народот на Украина заслужува мир и војната мора да запре.
„Војната продолжува да ги поткопува и темелите на ОБСЕ. Затоа централен приоритет на нашето претседавање беше обезбедување суштинска поддршка за Украина и нејзиниот народ“, рече Ковачевски.
Македонскиот премиер го заврши својот говор со заклучокот: „Историјата ќе не’ суди по нашите дела“.