Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, денеска, присуствуваше и се обрати на настан на којшто беа потпишани договори со 44 општини за реализација на 66 конкретни проекти од локален интерес. За реализација на проектите е обезбедена финансиска поддршка од 32,5 милиони евра, од буџетите на 6 министерства и една агенција. Односно од министерствата за здравство, образование и наука, труд и социјална политика, култура, транспорт и врски, животна средна и просторно планирање и Агенцијата за млади и спорт.
„Поддршката за развој на општините е континуирана и доказ за тоа е и денешниот настан кој се случува верувам прв пат во историјата на државата, меѓутоа се надевам дека нема да биде и последен пат, на кој присутните министри и градоначалниците каде што ќе потпишат договори за реализација на проекти од локален интерес, наменети за во најголем дел од општините во државата“, рече Ковачевски.
Се заблагодари на сите пратеници во Собранието кои учествуваа во амандманската расправа на прераспределбата на Буџетот.
„Тука сакам да се заблагодарам пред се и на пратениците кои што го сочинуваат мнозинството бидејќи на крајот нивните гласови одлучуваат, а гласовите одлучија дека без разлика на тоа која општина од кој политичар или градоначалник од било која политичка партија е номиниран и кандидиран добива финансиски средства за реализација на проектите кои што ги има и кои што значат подобро живеење на граѓаните. И тоа е навистина нешто што е за поздравување и што уверен сум дека ќе оддекне исклучително позитивно во јавноста.
Вкупно 2 милијарди денари или 32,5 милиони евра се обезбедени преку пренамена на финансиски средства од буџетите на 6 министерства и една агенција. Односно од министерствата за здравство, образование и наука, труд и социјална политика, култура, транспорт и врски, животна средна и просторно планирање и Агенцијата за млади и спорт. Овие пари се наменети за вкупно 66 проекти за 44 општини“, посочи тој.
Се работи, како што рече, за проекти за реконструкција на улици и локални патишта, изградба и реконструкција на училишта и на градинки, здравствени установи, спортски сали, домови за култура, пречистителни станици, мостови, спортски сали, пречистителни станици, мостови и други проекти во најголем дел од државата веќе имаат подготвено документација со која што може да се отпочне со работа. Со нивната реализација овозможуваме подобра инфраструктура, поквалитетни услуги, подобро образование и здравство, како и можности за повеќе спортски активности и поголема заштита на здравјето на граѓаните.
„Осум милиони денари (130.000 евра) од сметката на Министерството за здравство ќе се пренаменат на сметката на Општина Илинден за реконструкција на амбулантата во оваа општина, што е од исклучително значење за заштита на здравјето на граѓаните.
Дел од проектите се наменети за реконструкција и изградба на училишта и спортски сали во Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода и Охрид. Парите за овие проекти во износ од 380 милиони денари (над 6,1 милиони евра) ќе се обезбедат од Министерството за образование и наука.
250 милиони денари (над 4 милиони евра) се обезбедуваат од Министерството за труд и социјална политика, за проекти за подобрување изградба и реконструкција на градинки, во општините Ѓорче Петров, Аеродром, Бутел, Карпош и Кисела Вода. Ова се проекти што значат подобрување на условите за згрижување на децата од предучилишна возраст, во овие општини.
Министерството за транспорт и врски ќе пренамени над 1 милијарда денари (16,2 милиони евра) за проекти за изградби, реконструкции и асфалтирања на улици и локални патишта и мостови, во повеќе општини. Односно во Битола, Богданци, Боговиње, Гостивар, Дебар, Делчево, Желино, Илинден, Јегуновце, Карпош, Кичево, Кривогаштани, Крушево, Маврово и Ростуше, Македонски Брод, Пехчево, Пробиштип, Сарај, Скопје, Старо Нагоричане, Теарце, Општина Центар, Чашка и Крива Паланка“, истакна Ковачевски.
Над 183 милиони денари (3 милиони евра) од Министерството за животна средина и просторно планирање ќе се пренаменат за проекти од областа за животната средина, во Валандово, Прилеп, Берово, Чучер Сандево и во Пласница. Ова се проекти за заштита на животната средина, но и за здрави услови за живот.
Во делот на културата, 30 милиони денари (487.000 евра) од Министерството за култура ќе се обезбедат за реализација на проектот за Дом на културата во село Матејче, Липково.
Преку Агенцијата за млади и спорт ќе се пренаменат 114 милиони денари ( над 1,8 милиони евра) за изградба на спортски сали, терени, урбани опреми во општините Штип, Велес и Ѓорче Петров, проекти со кои им овозможуваме на младите и на граѓаните услови за спортување и рекреација.
Ковачевски најави дека поддршката за општините продолжува.