Али Ахмети прави голема грешка со скандирањата УЧК на предизборните митинзи на ДУИ. Тој знае дека тие скандирања никому не носат добро и единствено што може да направат е разгорување меѓуетничка нетрпеливост во државата, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на митингот на Коалицијата за европска иднина во Неготино.
Ковачевски го повика Ахмети да се воздржи од реторика која не е соодветна за актуелната сегашност, во која Македонија се стреми да стане рамноправна членка на Европската Унија.
„Господине Ахмети, членови и симпатизери на ДУИ, да не дозволиме да се вратиме назад во темните делови од поновата македонска историја. Имаме голема одговорност пред граѓаните, а нашите гласачи кои очекуваат да обезбедиме подобра иднина, да се препукуваме со идеи и концепти за иднината, наместо со закани и плашење. Ние мора да им испорачаме иднина на граѓаните, а не да ги заплашуваме со повици од минатото“, рече Ковачевски.
Пред жителите на Неготино, Ковачевски говореше од потребата сите граѓани во државата да се обединат околу идејата за европска Македонија без разлика на нивната етничка, религиска, партиска или каква било друга припадност. Порача дека европските вредности ќе ги достигнеме само со инклузија, а не со дневно-политички квази-национализам.
„Да не дозволиме некој да си игра со нашата иднина и иднината на нашите деца. Немаме право да им го ускратуваме она што го имаат нивните врсници низ Европа. Имаме морална обврска да им ги обезбедиме најдобрите можни услови за живот и со реални и издржани политики да ги поттикнеме да си ја бараат среќата дома, во европска Македонија.“
Лидерот на СДСМ порача дека Македонија доволно долго седеше во чекалницата на ЕУ и крајно време е државата одлучно да го продолжи патот кон Брисел. Истакна дека само СДСМ и Коалицијата за европска иднина имаат сила, знаење и капацитет да ги завршат преговорите и да ја внесат државата во ЕУ.