Вчера, Мицкоски зборуваше за некакво македонско единство и за мораториуми. За жал, се повеќе и повеќе луѓе сфаќаат дека единствен мораториум во главата на Мицкоски е мораториумот за интеграција на државата во ЕУ. Исто како што го блокираше изминативе две години, тој е спремен да го одложува членството во ЕУ уште 11 години, исто како што правеше неговиот ментор Груевски. Наместо национално единство за мораториум, на Македонија ѝ е потребно национално единство за интеграција во ЕУ. Тоа е вистинскиот пат за промени и токму тоа е одлуката што вие треба да ја донесете на овие избори, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски од предизборниот митинг во Струга.
Едната опција се Мицкоски, Силјановска и ДПМНЕ со мораториум за ЕУ, а другата опција се СДСМ и Стево Пендаровски кои нема да се откажат од нашата европска иднина, додаде Ковачевски.
Претседателот на СДСМ нагласи дека ВМРО ДПМНЕ на чело со Мицкоски е истото ВМРО ДПМНЕ кое на чело со Груевски 11 години ја зароби државата внатре, а ја изолираше надвор.
-Тие нема да успеат да ја придвижат државата кон ЕУ, а потоа ќе ја обвинуваат Европската Унија за сѐ. Спремни се Македонија уште 100 години да не влезе во ЕУ, дециден беше Ковачевски.
„Нашиот главен фокус останува членството во Европската Унија. ЕУ е единствената шанса Македонија да се промени и да напредува. Едноставно, друг начин нема, друга опција не постои. Со членството во ЕУ ќе се случи вистинска и суштинска промена кон подобро во нашата земја“, истакна претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на предизборниот митинг во Струга.