Комитетот за односи меѓу заедниците одбележа 20 години постоење

Комитетот-за-односи-меѓу-заедниците-одбележа-20-години-постоење.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Комитетот за односи меѓу заедниците, во рамките на својата 17. седница, свечено ја одбележа 20-годишнината од своето постоење. Седницата ја отвори претседателката на Комитетот, Арбана Пашоли, која изрази чест и задоволство за овој јубилеј, кој го означува стремежот за изградба на модерна држава со мултиетмичка разновидност.



Во својот говор, Пашоли истакна дека меѓуетничкиот соживот останува приоритет над приоритетите за обезбедување на мирот во земјата и регионот, и во таа насока се и надлежностите на Комитетот да разгледува прашања поврзани со односите меѓу различните заедници и да изготвува предлози за нивно решавање. Етичките вредности како почит, одговорност, емпатија и помирување, се од суштинско значење. Социјалната кохезија не може да се постигне без негување на социјалната свест и учење да се реагира без предрасуди и омраза кон различните култури со кои живееме. Пашоли го заврши својот говор со првиот член од Универзалната декларација за човекови права: „Сите луѓе се раѓаат слободни и еднакви во достоинството и правата“.

Свое обраќање имаше и потпретседателот на Собранието, Хусни Исмаили, кој го поздрави овој настан со кој се заокружува еден важен период од основањето, растот и развојот на ова тело од уставна категорија, заеднички успех на сите пратенички состави. Тој рече дека Комитетот е основан во време кога нашата земја излезе од воен конфликт со потпишување на Охридскиот рамковен договор, акт којшто ја промени иднината, но и визијата за понатамошниот од на нашата земја. Да се работи на подигнување на граѓанската свест во однос на почитувањето на различностите, да се искорени говорот на омраза и национализмот, да се спречи дискриминацијата! – порача потпретседателот Исмаили.

Ејуп Рустеми, како прв претседател на Комитетот, се наврати на формирањето на истиот, на тешкиот изоден пат за спроведување на Рамковниот договор, со цел градење на една мултикултурна држава, денес членка на НАТО.

Во продолжение збор зедоа и членовите на Комитетот: Марија Георгиевска, Дафина Стојаноска, Љупчо Балкоски, Љатифе Шиковска и Санела Шкријељ.

Георгиевска апелираше да се гарантира еднаквоста во сите сфери, инклузивно, праведно и еднакво општество за сите.

„Да живееме едни за други, едни со други, а не едни покрај други“ – порача Георгиевска.

Во оваа насока продолжи и пратеничката Стојаноска, велејќи дека треба да се гордееме со богатството на етничките култури, кое треба да се чува и негува. Таа истакна дека земјава покажува грижа и сензибилност за сите етнички заедници и по тоа е позната во регионот и пошироко.

Од своја страна, Балкоски, како дел од влашката заедница, изрази задоволство од членството во Комитетот. Тој истакна дека сегашните и идните генерации треба да покажат одговорност за поминатите години работа на полето на меѓуетничките односи.

Шиковска, како членка на Комитетот, но и претседателка на Интерпартиската парламентарна група за поддршка на правата на Ромите, нивна инклузија и интеграција во Република Северна Македонија, информира за сите вложени напори и придонесот за релаксирани етнички односи, толеранција и поддршка. Едно општество за сите и сите да се чуваме како едно! – заврши Шиковска.

Шкријељ рече дека ова е земја на различности, што е богатство со кое треба да се гордееме и да го негуваме. Идентитетските разлики да се почитуваат и да се пренесат на идните генерации, да се почитува достоинството на секоја индивидуа, зашто интеркултурализмиот бара одговорност од сите.

На свечената седница збор зеде и Роберт Алаѓозовски, како национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка. Тој информира дека во 2017 година почнала да се гради Националната стратегија за развој на концептот „Едно општество и интеркултурализам“, кога состојбата била лоша, но поминатите години заедничка соработка докажуваат дека кога се има политичка волја и свест, може да се напредува и чекори кон зедничка иднина.

Комитетот за односи меѓу заедниците и после 20 години, останува посветен на функционалните прашања за создавање на праведна држава, подобра демократија и поголем просперитет за сите граѓани.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK