Локалните сточари во делчевско, во атарот на селата Драмче и Бигла, забележале мртви риби по течението на реката Брегалница. Шокантни сцени кои уште еднаш ги потврдуваат сомнежите за небрежноста и неспособноста на новата Влада да превземе вистински мерки за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните, истакнуваат од Левица.
„Љупчо Симоновски, самостоен општински инспектор, вели дека утринава е направен увид, при што е утврдено дека не станува збор за помор на риби и вели дека причините за угинувањето можат да бидат многубројни.Како можни причинители ги посочи високите температури, намалениот водостој на реката, перењето, испуштањето хемикалии од средствата за прскање што ги употребуваат локалните земјоделци.
Загрижува и сомневањето дека може да станува збор и за ловократци кои употребуваат динамит за ловење на рибите, за што од спортско-риболовното друштво постојано алармираат, но институциите се глуви за нивните предупредувања, кои речиси секоја година ја игнорираат оваа пракса“, се додава во реакцијата на оваа партија.
Левица, како што подвлекуваат, ќе им излезе во пресрет на сите здруженија што вистински се залагаат за ставање крај на ваквото уништување на природната околина и нејзините ресурси, за на крај, да бидат откриени и казнети сите виновници.
Потенцираат дека новата Влада предводена од ДПМНЕ и ЗНАМ мора да преземат одговорност и да покажат дека вистински се грижат за животната средина и за иднината на реките.