Првиот сведок на Обвинителството, 20 – годишниот Кристијан Панов, на денешното судење за пожарот во кочански „Пулс“ во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени кажа дека тој и брат му Андреј, кој загина во пожарот, работеле непријавени, во дискотеката и претходно се користеле запаливи средства за забава, дека имало само еден влез/излез за гостите и дека имало малолетни лица.
Панов сведочеше дека работел во „Пулс“ за викенди, на повик, а дневницата му била 1500 денари кои ги добивал пред почетокот на смената. Неговиот брат, пак, работел како шанкер.
Панов рече дека вечерта кога се случи пожарот, во „Пулс“ дошол во 02.20 часот. Објектот бил преполн. Бил излезен да испуши цигара кога слушнал како преку микрофон некој им кажува на гостите „излегувајте сите, ќе се вратиме“ по што настанал хаос од луѓе кои се обидувале да излезат. Сведочеше дека многумина се заглавиле на вратата, едно врз други на скалите кај влезот. Тој почекал малку да се расчисти метежот и влегол да го побара братот.
„Нешто падна врз мене, се распрсна и морав да излезам. Кога се вратив по вторпат го најдов брат ми пред влезот. Имаше многу тела, никој не беше при свест. Јас ги поместував телата за да го најдам брат ми. Тој веќе беше надвор, некој го извлекол кај влезот. Го познав по тетоважите“, сведочеше Панов.
Во болницата во Кочани му кажеле дека му дале адреналин на неговиот брат, се обидувале да го реанимираат, на кратко останал сам со него и тој се обидувал да го оживее се додека сестра од болницата не му кажала дека „во собата број два се тие што не дишат“.
На прашањето дали во „Пулс“ и претходно се користела пиротехника, Панов одговори дека на претходната забава со ди-џеи од Грција имало танчерки кои вртеле запалени факели. Во објектот Панов не забележал противпожарни апарати, но кажа дека додека бил надвор на цигара покрај него поминал газдата дејан Јованов со противпожарен апарат во рацете.
Обвинителството на денешното судење ќе повика уште четворица сведоци.