Јовески им одржа лекција на пратениците: Заложете се да се обезбеди терапија за сите пациенти, кривичната одговорност не е ваша надлежност

Јовески-им-одржа-лекција-на-пратениците-Заложете-се-да-се.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Јавниот обвинител Љубомир Јовески од говорница им одржа лекција на пратениците, кои од него на денешната седница на анкетната комисија за скандалот на Онкологија чекаа сведочење. Јовески им порача на пратениците дека на сите нивни прашања има еден одговор, дека е спротивно на Уставот, законите и на собраниските деловници да изнесува факти и докази од постапувањето на Обвинителството. Апелира да престане злоупотреба на предметот во врска со Онкологија во политички цели и да се остават обвинителите да си ја завршат работата оти паралелна истрага е недозволена. Го загрозува истражниот процес и се дава можност на одбраната во суд да ги оспорува доказите.



Кога ја добил поканата за сведочење пред анкетната комисија, Јовески објасни дека помислил оти е грешка.

„Сè повеќе сум уверен дека не се работи за грешка, туку за излегување од надлежностите на собраниските тела, со цел да се наруши предистражната постапка што ја води Обвинителството. Јавниот обвинител ниту е експерт ниту може да биде повикан да сведочи за активна кривична постапка. Тоа го забранува Уставот, кој јасно ја дефинира поделбата на законодавна, извршната и на судската власт и ја гарантира самостојноста на јавниот обвинител како надлежен орган за кривичен прогон“, рече обвинителот Јовески.

Наведе дека ваквата расправа е спротивна и на неколку други закони, особено на Законот за кривичната постапка, со кој се штити тајноста на предистражната постапка и доказите обезбедени на законски начин, а спротивна е и на собранискиот Деловник.

„Член 123 од Деловникот за работа на Собранието вели работните тела не може да имаат истражни или други функции. Во вашиот комисиски деловник, пак, во делот на надлежностите сами сте напишале дека анкетната комисија ќе утврдува дали има политичка одговорност во целиот овој случај. Ниту постапувањето на Јавното обвинителство ниту најголемиот дел од сведоците, кои секојдневно ги повикувате тука, може да биде предмет на политичка одговорност. Кривичната одговорност, можеби ќе ве разочарам, не е во ваша надлежност“, наведе Јовески во воведното обраќање пред пратениците.

Мојот единствен брат почина на Онкологија пред четири години, рече Јовески пред пратениците

Тој уверува дека предметот за Онкологија се води темелно и стручно и дека ќе дојде до вистината, без разлика на некои обиди за опструкции. Објасни дека ги следи седниците на анкетната комисија и се надева дека пратениците кои од говорница рекоа дека имале блиски што им биле пациенти на Онкологија не го кажале тоа за да докажат колку се засегнати од случајот оти речиси да нема семејство во земјата што не минало низ траумите што ги предизвикува болеста.

„Мојот единствен брат почина на Клиниката за онкологија пред четири години. Во моето најблиско семејно опкружување и сега имам пациент на таа клиника. И ова не го кажувам за да докажувам дека и мене ми е важно да се дојде до вистината, туку затоа што знам дека дури и тој личен факт, кој не треба никого да засега, може да се злоупотреби политички и да фрли сомнеж на непристрасноста на постапката. Никогаш не сум влијаел, нема ниту сега да влијаам на јавните обвинители кои постапуваат. Да бидат сигурни дека апсолутно, како и сите, ми е важно да се дојде до вистината“, рече обвинителот Јовески.

Документите и доказите за кои вчера јавно зборуваше лидерот на опозицијата Јовески смета дека треба да бидат доставени во Обвинителството за да не се дозволи да се компромитира постапката за ситни дневнополитички поени.

„Чув дека има нови документи и докази, па ве повикувам да ги доставите во Обвинителството сите докази за кои по собраниски, партиски и други јавни настапи тврдите дека сте ги дознале или ви ги откриле некакви свиркачи. Секој чесен граѓанин треба доказите да не ги чува, да не се фали дека ги поседува, туку веднаш да ги предаде на надлежните органи. И ќе си дозволам само да ви кажам – исказот пред вас и солзите на актуелната директорка многу кажуваат за проблемите со кои се соочува Клиниката, затоа итно како пратеници заложете се да се обезбеди терапија за сите пациенти со оваа тешка болест“, рече Јовески.

По неговото обраќање, претседателката на анкетната комисија посочи дека таа е формирана врз основа на членот 76 од Уставот на Република Македонија и членот 118 од Деловникот на Собранието како највисок орган во државата.

„Улогата на Обвинителството може да ја дискутирате и со нас и со медиумите по прашањата за ‘Беса транс’, модуларната болница, која изгоре поради кабел, а на крајот на денот видовте искази на здруженија на граѓани исто така низ солзи, кои бараат завршница која треба да потекне од вас“, рече Мизрахи.

Пратеникот Љупчо Пренџов од ГРОМ му рече на обвинителот дека имал можност да побара седницата да не биде јавна.

„Сте имале 12 години да ѝ ја кажете вистината на македонската јавност, пријави имало и претходно и тоа е фаул. Наместо да гледате на телевизија што ние зборуваме, требало да работите и да дојдете овде со готови информации за тоа што сте го сработиле. Можевте да побарате да биде затворена седницата“, рече пратеникот Пренџов.

Тој го предупреди обвинителот да не го навредува Собранието оти пратениците седат тука затоа што се избор на граѓаните, а тој е дојден тука затоа што е предлог на Зоран Заев.

На ваквите забелешки со довикувања од место реагираа пратениците од СДСМ, па беше дадена пауза од пет минути по што продолжи сослушувањето на Јовески.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK