ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава против лицето Оливер Спасовски, кој како поранешен министер за внатрешни работи е лично и директно одговорен за хаосот со личните документи, вели Игор Јанушев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова е кривичната пријава, која што само што беше поднесена во Јавното обвинителство. Оливер Спасовски кој што кажував во својство на министер за внатрешни работи во период од околу 2 ипол години издавал лични документи кои што знаел и бил свесен дека нивната важност нема да биде во рок отколку што е ставен во документите туку истите ќе престанат да важат на 12.02.2024 година. Имено, тој овој период од 12.02.2019 па се до средината на 2021 година тој свесно и директно раководејќи со Министерството за внатрешни работи кои што впрочем ги издаваат овие документи нанесува штета на десетици илјади граѓани. И таа штета е и материјална и нематеријална штета“, вели Јанушев.
Како што дополнува, две ипол години Спасовски ја донесува македонската јавност, граѓаните на Република Македонија во заблуда со ова негово постапување.
„Впрочем тој врши злоупотреба на службената положба и овластувања, и несовесно работење во службата. И оваа кривична пријава впрочем се заснова на прекршување на членовите 353 став 1 и 353-в став 5 од Кривичниот закон. Очекуваме од Јавното обвинителство да ја прифати кривичната пријава поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и да отвори истрага за Оливер Спасовски бидејќи одговорност во оваа држава мора да има. Апелираме и очекуваме дека новоизбраниот Јавен обвинител на Република Македонија ќе покаже дека е професионалец, а не дека е продолжена рака на власта во заминување на СДС и ДУИ“, завршува Јанушев.