Во последните три учебни години, просечно се пријавуваат по околу 50 случаи на врсничко насилство годишно во училиштата. Тоа покажува дека обемот на насилството не расте, но загрижува фактот што расте бруталноста во дел од пријавените случаи. Затоа, институциите на централно ниво, со поддршка на локалните самоуправи, граѓанскиот сектор и меѓународните партнери, ги зајакнуваат и превентивните и казнените механизми.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на денешната панел-дискусија на тема „Меѓуврсничко насилство и вандализам“, организирана во Охрид по повод утрешниот Меѓународен ден на младите – 12 Август, од Советот за млади, кој работи под покровителство на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.
„Очигледно е дека имаме предизвик и мораме да го решаваме. Ценам дека најважни во борбата против врсничкото насилство се превентивните активности. Затоа, со законските измени од минатата година ги задолживме училиштата во своите годишни програми да планираат активности за промоција на добросостојбата на учениците, заштита од насилство, злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација, подобрување на комуникацијата и слично“, рече Јаневска.
Министерката кажа дека анализите покажуваат дека една од главните причини за врсничкото насилство е семејното насилство, како и недостигот од соодветна грижа за децата во дел од семејствата.
„Затоа, заедно со МВР, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Комората на психолози, неодамна започнавме иницијатива за надградба на компетенциите на училишните психолози и наставници за препознавање семејно насилство и занемарување преку однесувањето на децата и спречување на нивна понатамошна трансформација во насилство насочено кон врсниците“, информираше Јаневска.
Таа додаде дека се реализираат и директни средби со наставниците и родителите на учениците. Досега се посетени околу 30 општини, а активноста ќе продолжи и кон крајот на месецов.
Нагласи дека во собраниска процедура се законски измени со кои се предвидуваат парични казни за родителите и старателите на децата за кои ќе се утврди дека извршиле врсничко насилство во училиштето, но и за родителите кои одбиваат да соработуваат со училишните служби.
„Очигледно е дека негативните вредности полесно се наметнуваат и прифаќаат во општеството. Но, младите треба да го менуваат светот, а тоа е можно само преку промена на начинот на размислување и однесување. Укажувајте, спречувајте обиди за булинг, пријавувајте насилство, бидете емпатични, заштитете ги послабите и помогнете им на оние на кои им е потребна помош. Прифаќајте ги вистинските вредности – почитта, толеранцијата, единството и солидарноста“, порача Јаневска, обраќајќи им се на младите учесници на настанот.