Можеби звучи контрадикторно, но јас сум многу задоволна што новата концепција предизвика такви бурни дискусии, разговори, предлози. Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска, прашана од новинарите дали следниот предвиден чекор за концепцијата за гимназиско образование е пролонгирање, особено по реакциите од иститути и катедри од Филозофскиот факултет.
„Секако дека може да се продолжи. Ние мошне сериозно ги сфаќаме сите изјави дадени од сите факултети, иако главно станува збор за Филозофскиот факултет“, рече Јаневска.
Министерката повтори дека станува збор за нацрт-концепција која може да претрпи промени.
„Продолживаме и понамау, малку ќе се придвижиме и на терен, и секако дека ќе работиме и понатаму на подобрување на концепцијата, иако со големо задоволство кажувам дека за разлика на дел од стручната јавност, веќе добиваме силна поддршка од младите“, рече Јаневска.
Претходно, дел од гимназиските професори преку отворено писмо се спротивставија на новата Концепција, коментирајќи дека со отстранувањето на философијата во македонското образование, не само што се отсекуваме од основите на европската цивилизација и мисла туку стануваме периферија која самостојно избрала да се апстрахира и од современите текови. Министерката по писмото одговори дека не е точно оти предметите филозофија и логика се исклучени од концептот за реформа во гимназиското образование, туку се работи за драфт верзија поставена на јавна расправа. Јаневска тогаш објасни дека во моментов се прибираат сугестии, забелешки, предлози и откако ќе заврши јавната расправа ќе биде донесен конечниот заклучок.