Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално, изјави на денешната седница на Собранието, пратеникот од Левица, Сашко Јанчев.
Тој истакна дека предложените измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти претставуваат директно стимулирање на дивоградбите и продлабочување на урбанистичкиот хаос.
Јанчев потсети дека законот од 2011 година, кој требало да важи шест години, со низа продолжувања се развлекува на вкупно 20 години, со што наместо да се затвори прашањето за старите објекти, се поттикнува изградба на нови дивоградби.
„Градежното земјиште е ограничен ресурс, а како во природата, така и во општеството, мора да постојат правила за негово користење. Урбанистичките правила постојат за да создадат хумана средина за живеење, а кога не се почитуваат добиваме хаос и безредие. Немаме градски архитекти за одржување на урбаниот ред, немаме урбанистички планови, за многу населени места, а постојните се стари по 15–20 години и не одговараат на реалноста на терен. Планирањето не го води јавниот интерес, туку профитот, кој често е спротивен на јавниот интерес. Имаме населби со број на жители што не одговара на капацитетите на водоводната и канализационата мрежа, недостиг на паркинг места, сообраќајници низ кои не може да помине ни едно противпожарно возило. Во вакви услови да се продолжува рокот за легализација и да се стимулираат нови дивоградби не е паметно, туку е штетно, а може да биде и фатално”, рече Јанчев.