Пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, на денешната прес-конференција во одговор за новинарско прашање во врска со катастрофата поврзана со загадувањето на водата за пиење во Гостивар, оцени дека ваков случај е недозволив во 21 век.
„Функционалните канализациони и водоводни системи не се историски нов феномен. Постојат две и пол илјади години и во 2026 година да ни се случи ваква ситуација од вакви размери е незамисливо. Тоа како општество не смееме да си го дозволиме ни на сон“, истакна Јанчев.
Тој посочи дека покрај пропустите во управувањето со водоснабдителниот систем, сериозно потфрлил и здравствениот систем.
„Очигледен е пропустот на здравствениот систем во ситуација кога имаме очигледна епидемија. Не е дозволиво прв државен орган којшто ќе интервенира и којшто ќе иницира одговор да биде правосуден орган или во случајот тоа да биде Јавното обвинителство. Тука очигледно потфрли здравствениот систем, којшто можеше прв да алармира и да иницира државен одговор“, нагласи тој.
Според Јанчев, случувањата се последица на долгогодишната партизација на институциите.
„Сè на сè, ова е данокот којшто го плаќаме како општество за тоа што изминатите триесет години се партизираат институциите и што се уништува сè што е јавен и државен апарат за тесни партиски интереси“, порача пратеникот од Левица.