Денес во Собранието на Комисијата за финансирање и буџет на која што се расправа предлог буџетот за 2025 година се обрати пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јамалов кој потенцираше дека во 2025 година се очекува економијата на Република Македонија да забележи раст од 3,7% и тоа би претставувало значително подобрување во споредба со изминатите години.
Јамалов додаде дека предвидениот раст од 8,1% на бруто-инвестициите ќе биде поттикнат од засилената реализација на големите инфраструктурни проекти, вложувања во патна и железничка инфраструктура, како и инвестиции во енергетиката, земјоделството, здравството и образованието.
„Дополнително, растот ќе биде поддржан преку поддршката на општините за реализација на капитални инвестиции со цел по рамномерен регионален развој и унапредување на животот на граѓаните во износ од нови 250 милиони евра, покрај овогодинешните 100 милиони евра. Значителен придонес се очекува и од инвестициската активност на домашните компании, како резултат на исклучително поволните финансиски средства обезбедени преку заемот од Унгарија“, рече Јамалов.
Пратеникот посочи дека капиталните инвестиции се централниот елемент на предлог буџетот за 2025 година кои ќе изнесуваат околу 50,5 милијарди денари.
„Со износ од 50,5 милијарди денари, или 5% од БДП, овие инвестиции ќе бидат насочени кон проекти кои ќе имаат долгорочен економски и социјален импакт. Ова создава предуслови за нов циклус на економски раст, обезбедување значително ниво на јавни инвестиции коишто се основа за подобрување на економските перспективи, како и подобар живот на граѓаните“, истакна Јамалов.